Предлогот на премиерот Христијан Мицкоски за спроведување електронски попис во 2026 година, под услов веднаш да се прифати една изборна единица, предизвика бурни реакции кај албанските политички партии. Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро ја нападна Владата, обвинувајќи ја за наводна „националистичка агенда“ со цел маргинализација на Албанците и нивно бришење од институциите и од јавниот живот. ДУИ потсетува дека Мицкоски уште во 2022 година јавно ги оспорил резултатите од пописот на населението, во кој Албанците беа регистрирани како 29,5 % од вкупната популација. Според нив, најавата за електронски попис не е технички, туку политички мотивиран потег со цел „корекција“ на тие бројки.
– Ова не е ништо друго, освен продолжение на слоганот „Да им се покаже местото на Албанците“. Владата на ВМРО-ДПМНЕ, преку институции под нејзина контрола, активно работи на укинување на „балансерот“, поткопување на механизмите за заштита од мајоризација и систематско исклучување на Албанците од јавните институции – велат од ДУИ.
ДУИ ја обвинува и коалицијата „Вреди“ за молк и за пасивна поддршка на, како што вели, политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, „заробени и уценети“, тие создаваат лажна слика за мултиетничност на Владата, додека во реалноста Албанците се изложени на политички инженеринг.
Коалицијата „Вреди“, пак, не остана без одговор. Иако со различен тон, тие, исто така, предупредија дека не смее да биде спроведен пописот без широка политичка согласност. Од „Вреди“ порачаа дека евентуалниот нов попис мора да се базира на длабинска анализа и на консензус и треба да ја исправи, како што велат, измамата направена на пописот од 2021 година, од страна на СДСМ и на ДУИ.
– Албанската дијаспора беше избришана од тој попис преку нелегалната категорија „нерезиденти“. Тоа беше предавство што го изврши ДУИ и ќе бараме кривична одговорност за тоа – велат од „Вреди“, додавајќи дека дијаспората е клучен дел од албанската нација и мора да биде дел од сите национални процеси.
Полемиката ескалираше и по одлуката на Уставниот суд, кој ги укина категориите „резидентно“ и „нерезидентно население“ од методологијата за попис, што повторно ја отвори дебатата за точноста и за легитимноста на пописните резултати.
Една изборна единица и електронски попис
Премиерот Мицкоски, одговарајќи на прашање на пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците, рече дека електронскиот попис следната година ќе биде возможен само ако веднаш се усвои моделот на една изборна единица. Според него, таквиот попис би обезбедил поголема објективност и ажурност на податоците.
Во меѓувреме, дебатата околу пописот добива димензии што ја надминуваат статистиката. Опозицијата, но и дел од коалициските партнери на Владата, бараат да не се користи пописот како инструмент за политичка доминација, туку како објективен механизам за планирање и развој.
Очекувано, оваа тема ќе остане во фокусот на политичката сцена и во периодот што следува, особено со оглед на приближувањето на локалните избори и на сè понагласените етнополитички разлики во реториката на партиите.
Експертите за статистика неодамна истакнаа за весникот ВЕЧЕР дека прашањето за добивање веродостојни статистички податоци за бројот на населението, неговата етничка структура и друго нема да може да се реши ниту со електронски попис каков што предлага премиерот Христијан Мицкоски.
Поранешната директорка на Државниот завод за статистика, Благица Новковска, смета дека земјата нема капацитет за електронски попис ниту следната година ниту во наредните две. Таа нагласува дека постојат сериозни слабости во регистрите, евиденциите и во институционалната подготвеност. Според неа, поврзувањето на пописот со изборите е сериозна грешка и води до политизација на статистички процес. Новковска посочи дека токму воведувањето на категориите „нерезиденти“ и начинот на нивно попишување довеле до дуплирање на податоци, вештачко зголемување на бројки и неусогласеност со меѓународните стандарди. Таа смета дека дел од дијаспората е внесена и како резидентна и како нерезидентна, што фрла сенка на квалитетот на добиените податоци.
Други експерти, како Дончо Герасимовски и статистичари што учествувале во пописот во 2021 година, се согласуваат дека не може да се спроведе електронски попис без целосно функционални и ажурирани регистри, особено кога станува збор за етничките, верските и за демографските податоци.
– Ни тогаш ни сега нема услови за електронско пребројување. Проблематично е како ќе се утврдува етничката или верската припадност преку институционалните бази на податоци – предупредува експерт што беше непосредно вклучен во пописот во 2021 година, а сакаше да остане анонимен.
Уставниот суд ја отвори Пандорината кутија
Со укинувањето на одредбите што овозможуваа поделба на населението на „резидентно“ и „нерезидентно“, Уставниот суд директно го доведе во прашање целиот процес на пописот во 2021 година. Судот порача дека треба да бидат вградени ваквите категории во самиот Закон за попис, а не само во методологијата, што отвора нови правни и технички дилеми.
Според важечкиот закон, пописот треба да ги опфати сите државјани на РСМ што имаат живеалиште или престојувалиште во земјата без оглед дали се тука или во странство, што, според експертите, е една од главните причини за нарушените податоци и за непроверливоста на резултатите.
Премиерот Мицкоски, пак, оцени дека пописот од 2021 година бил резултат на политички договори и дека ќе се провери дали има основи за кривична одговорност против тие што го спроведувале.
Во меѓувреме, бројките од пописот остануваат спорни: 1.836.713 лица беа евидентирани како резиденти, од кои 58,44 отсто се Македонци, 24,30 проценти се Албанци, 3,86 отсто Турци… Како нерезиденти беа евидентирани 260.606 лица. Кај нерезидентите, 66,36 % се изјасниле како Албанци, што значајно влијае на вкупната етничка слика – 54,1 % Македонци и 29,52 % Албанци. (В.С.Н.)