Страв и загриженост по земјотресот на Камчатка: Што се случи со руските нуклеарни бази?

1612
EPA/GEOPHYSICAL SURVEY OF THE RUSSIAN ACADEMY OF SCIENCES HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Ерупција на вулкан, оштетени пристаништа и тишина од Москва – ден по силниот земјотрес што го погоди Далечниот Исток на Русија, расте неизвесноста околу безбедноста на клучната воена инфраструктура во Камчатка.

Во раните часови на среда, 30 јули, катастрофален земјотрес со јачина од 8,8 степени го погоди брегот на полуостровот Камчатка. Земјотресот предизвика цунами бранови низ Тихиот Океан, но најзагрижувачкиот факт е дека епицентарот бил само 120 километри од Виључинск, главната база на руската Тихоокеанска флота, дом на стратешки нуклеарни подморници.

Според Геолошкиот завод на САД, тоа бил шестиот најсилен земјотрес во запишаната историја.

Стратешки нуклеарни подморници
Покрај цунамито, земјотресот предизвика штета на инфраструктурата: пукнатини на патиштата, оштетени згради и морски пристаништа, како и ерупција на блискиот вулкан Кључевскаја Сопка. Подрачјето погодено од земјотресот го вклучува и Авачкиот Залив, каде што се наоѓаат клучните руски поморски бази – Петропавловск-Камчатски и Рибачи.

Во овие бази се наоѓаат подморници од класата Бореј и Бореј-А, опремени со интерконтинентални балистички ракети Булава. Тоа е исто така единствената база на рускиот Далечен Исток со инфраструктура потребна за одржување и оперативна употреба на такво нуклеарно оружје.

Иако руското Министерство за одбрана сè уште не коментираше, на руските социјални мрежи се појавија видеа на кои се гледа штетата на пристаништето Петропавловск-Камчатски. Со оглед на тоа што Виључинск е уште поблиску до епицентарот и се наоѓа подлабоко во заливот, постои основано сомневање дека и таму се случиле сериозни штети, пишува специјализираниот портал „Воената зона“.

Неизвесност и молк од Москва
Поради неповолните временски услови и ограничениот пристап до сателитски снимки, сè уште не е познато кои подморници биле закотвени, а кои биле на море во времето на земјотресот. Исто така, не е познато дали некои од бродовите биле во процес на поправки или имале отворени системи, што би ги направило уште поранливи на оштетувања и навлегување на вода.

Молчењето на Москва за ова прашање не е изненадувачкo. Руските власти традиционално не објавуваат информации поврзани со безбедноста или можни инциденти поврзани со нуклеарно оружје. Министерството за одбрана сè уште не коментирало за оперативниот статус на поморската база или за потенцијалните последици од разорниот земјотрес.

ИЗДВОЕНИ