Ураганот Мелиса стигна до јужниот брег на источна Куба во неделата како ураган од категорија 3, соопшти Националниот центар за урагани на САД (NHC). Мелиса беше околу 95 километри западно-југозападно од Гвантанамо, Куба, со максимални ветрови од 195 километри на час, објави Асошиејтед Прес.
Повеќе од 735.000 луѓе се евакуирани, изјави кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел.
Тој рече дека бурата ќе донесе „многу тешка ноќ“, но изрази увереност дека земјата ќе се опорави. Источна Куба очекува обилни врнежи од дожд, до 60 сантиметри во планинските области, што би можело да предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
This is Burnt Ground Santa Cruz in Jamaica now!
(Hurricane Melissa)
pic.twitter.com/fLSPk3PZMQ— #كابتن_غازي_عبداللطيف (@CaptainGhazi) October 28, 2025
Со ветрови од 190 километри на час, бранови од бурата до 3,6 метри на брегот и посилни налети во центарот на бурата, жителите се предупредени за „опасност по животот“.
Пред Куба, ураганот ја погоди Јамајка, каде што околу 15.000 луѓе беа сместени во засолништа за итни случаи, а премиерот Ендру Холнес ја прогласи земјата за „зона на катастрофа“.
Пријавени се штети во болници, домови и бизниси, а повеќе од половина милион луѓе останаа без струја.
Интернет-конекцијата падна на 30 проценти од нормалното ниво, а околу 25.000 туристи останаа на островот.
Холнес рече дека електричната енергија и телекомуникациите треба да бидат обновени денес во источниот дел од островот, додека јужниот дел очекува дополнителни денови за закрепнување.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој е на последната етапа од својата азиска турнеја, рече дека САД се подготвени да ѝ помогнат на Јамајка.
„Внимателно ја следиме ситуацијата и сме подготвени да преземеме мерки, но таа предизвикува огромна штета“, рече Трамп од Ер Форс Уан.












