Двајцата осомничени Лазар Поповиќ (35) и Саво Стевановиќ (47) беа уапсени во петокот, под сомнение дека се поврзани со финансирањето и организирањето на руски паравоени кампови за обука на Молдавци и Романци на територијата на Лозница. Постои сомневање дека обучиле повеќе од 150 граѓани на Молдавија и Романија за да предизвикаат немири по изборите во Молдавија, кои се одржуваат денеска. Според БИРН, учесниците на проруската, специјална обука престојувале во комплексот „Сунчана Река“, етно село на брегот на реката Дрина.
Уапсениот Поповиќ некогаш бил советник на Ненад Поповиќ, сегашниот министер без ресор задолжен за меѓународна економска соработка и општествената положба на црквата во земјата и во странство, но извор на БИРН наведува дека тој не бил во редовен контакт со министерот во последните години. Саво Стевановиќ бил и член на Српската народна партија на Ненад Поповиќ, а потоа преминал во партијата Здрава Србија на градоначалникот на Чајетина, Милан Стаматовиќ.
Според БИРН, повеќе од 150 странски државјани со проруска ориентација биле обучени во овој камп од јуни до септември оваа година, за идентификување борбени цели, стрелање на стрелиште и обука конкретно поврзана со реагирање во случај на неповолен изборен резултат за проруските сили на парламентарните избори во Молдавија на 28 септември. Овие избори се сметаат за клучни за политичката иднина на Молдавија, кандидат за членство во Европската Унија, бидејќи, како што пишува БИРН, се предвидува „мртва трка“ помеѓу проевропските партии и партиите кои сакаат поранешната советска република повторно да се приближи до Москва.
Српското Министерство за внатрешни работи, во петокот соопшти дека во соработка со Безбедносно-информативната агенција (БИА) и надлежните обвинителства, уапсиле две лица под сомнение дека обучувале група од околу 150 до 170 романски и молдавски државјани во близина на Лозница да пружат физички отпор на молдавската полиција во случај на немири за време на изборите во сабота во таа земја. Л.П. (37) и С.С. (47) се уапсени под сомнение дека сториле кривично дело организирање учество во војна или вооружен конфликт во странска држава, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.
Пратеничката и потпретседателка на Партијата за слобода и правда, Мариника Тепиќ, во петокот, праша дали државата Србија е вмешана во ова.
„Поради ризикот од меѓународен скандал и уште еден срам за Србија поради тоа што има проруски паравоени кампови за предизвикување кризи и уривање на уставниот поредок во други земји – барам итна информација од Обвинителството во Шабац дали е вистина дека паравоениот камп се наоѓал во комплексот „Сунчана река“, помеѓу Лозница и Бања Ковиљача, каде што биле обучени најмалку 150 проруски странски државјани, а „завршната работа“ е закажана за недела, 28 септември – во случај на неповолен изборен резултат за проруската струја во Молдавија“, напиша Тепиќ во објава на мрежата „X“.
Иван Милетиќ, експерт за одбрана и безбедност, за српскиот портал „Данас“ вели дека ова не е прв пат вакви и слични кампови да се организираат во Србија, и потсетува на рускиот камп „Вагнер“, но и на детскиот камп на Златибор, кој, вели тој, го организирала руска организација за деца во Србија. Тој наведува дека некои слични кампови биле организирани и од црквата во 1990-тите.
„Дали е реално таков камп да е организиран без знаење на нашите служби, тоа е сериозно прашање, бидејќи ако се случило без знаење на нашите служби, тогаш тоа е сериозен пропуст, кој не смее да се случи, а ако е организиран со знаење на нашите служби, тогаш директорот на БИА треба да одговори зошто е одобрен“, вели тој.
Тој вели дека на меѓународно ниво е катастрофално српските служби да знаеле и да го дозволиле тоа, а на домашно ниво е крајно катастрофално ако не знаеле, и дека, како што наведува Милетиќ, секој може да организира тренинг камп на територијата на Србија, на какви било единици и формации.
Ситуацијата, истакнува тој, е многу сериозна и многу е индикативно што притворањето се случило по средбата меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и српскиот претседател Вучиќ во Њујорк, што тој го толкува како силен притисок од САД.