Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска пригодно го испрати воздухопловниот тим на хеликоптерот „блек хок“ од Република Чешка. Тој од името на Владата и на македонските граѓани им се заблагодари за нивниот особен придонес и помош за гаснење на пожарите на отворено, доделувајќи им пригодни благодарници.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека во текот на денешниот ден биле регистрирани вкупно четири пожари на отворен простор од кои два се активни и тоа: во Општина Чашка кај село Богомила, каде гори мешана шума и во Општина Македонски Брод, кај село Грешница, гори деградирана нискостеблеста шума. Под контрола е ставен пожарот во Општина Долнени кај село Стровија, зад место викано Гајдарец-Клепало каде горела нискостеблеста шума, додека изгаснат е пожарот во Општина Липково кај село Слупчане, каде горела ниска вегетација.
Инаку, хеликоптерите што Министерството за одбрана ќе ги набави од италијанскиот производител „Леонардо“ ќе можат да се користат и за гаснење на сите видови пожари бидејќи имаат опрема што дополнително се става на овие летала.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, денеска информираше дека е во тек нивната набавка и оти континуирано се работи на отстранување на правните предизвици.
– Знаете дека претходната влада ја има потпишано таа набавка, која има многу правни предизвици. Со адвокатска компанија секојдневно работиме за отстранување на секој предизвик што го имаме. Се исплати втората рата од 70 милиони евра – нагласи тој.
Најави дека наскоро ќе имаат работна посета на Италија, каде што ќе се види што е сè направено, а потоа транспарентно ќе објаснат до каде е целата постапка.
Договорот за набавка на нови осум транспортни хеликоптери од типот AW149 и AW169M за потребите на Армијата, вреден 249,5 милиони евра, во име на владите на двете земји беше потпишан во март минатата година, од страна на тогашната министерка за одбрана, Славјанка Петровска, и нејзиниот италијански колега, Гуидо Кросето. Со потпишувањето на овој договор, покрај набавката на осум хеликоптери кои треба да бидат испорачани во периодот од 2026 година до крајот на 2028 година, е вклучен и пакет за логистичка поддршка, односно, опрема, резервни делови, тренажер, комплетна обука на летачкиот и техничкиот персонал и изградба на модерен инфраструктурен објект.
Мисајловски претходно објаснуваше дека договорот со „Леонардо“ е проблематичен за него, за неговата партија и за Владата, прво, поради периодот во кој е спроведена набавката, а второ дека понудата на „Леонардо“ првично не била најповолна. Посочи и дека цената од понудата со која „Леонардо“ бил најевтин, не е истата цена по која се склучил договорот.
(А.П.)