Странците го разбудија македонскиот туризам, а богатата култура и историја ја вратија надежта

Турците се најчести гости во Македонија. Во јули, нивниот број изнесува 55.129, кој далеку го надминува бројот на гостите од останатите земји. Од Србија дошле 9.898 туристи, од Полска 4.304, а од Холандија 3.989 гости. Македонија последниве години се позиционира на високо место на туристичката мапа на Балканот и во Европа, а особено е интересна за туристите кои бараат туристички места кои не се комерцијални и кои имаат многу културно-историски споменици, локалитети, планини... Потврда за тоа се исполнетите капацитети во туристичките места и групите на странските туристи кои може да се видат насекаде низ државата

140

Македонија има што да понуди како туристичка дестинација, а странските туристи го препознаваат тоа. Трендот на пораст на бројот на туристи продолжи и во јули, а државава за еден месец ја посетиле 209.932 туристи кои оствариле 770.733 ноќевања. Најбројни се гостите од Турција, чиј број изнесува 55.129, кој далеку го надминува бројот на гостите од останатите земји. По нив следуваат Србија со 9.898 туристи, Полска со 4.304 и Холандија со 3.989 гости. Македонија последниве години се позиционира на високо место на туристичката мапа на Балканот и во Европа, а особено е интересна за туристите кои бараат туристички места кои не се комерцијални и кои имаат многу културно-историски споменици, локалитети, планини… Потврда за тоа се исполнетите капацитети во туристичките места и групи на странските туристи кои може да се видат насекаде низ државата.

Турците се најчести гости во Македонија, тие обично доаѓаат во групи, на кружни тури и најмногу се задржуваат во Скопје и во Охрид. Во Скопје ги посетуваат спомениците од османлиско време, а во програмата на балканската тура влегува и посетата на Тетово, Битола и на градовите во другите соседни земји.

– Турците се чести гости во Македонија од 2007 година, кога почна да се реализира балканската тура. Во Скопје ги посетуваат старата Скопска чаршија, плоштадот, споменикот на Мајка Тереза и имаат една вечера во некој македонски ресторан, каде што јадат традиционални јадења и слушаат македонска музика. Потоа, ги посетуваат Шарената џамија и Арабати баба-теќето во Тетово, а во Битола ја посетуваат Спомен-куќата на Кемал Ататурк и шетаат по Широк сокак. На Балканот, најживите споменици од османлиско време се наоѓаат во Скопје – старата Скопска чаршија и во Сараево – Баш-чаршија. Во Охрид ги посетуваат спомениците „Свети Наум“, црквите, чаршијата… Потоа одат во Албанија и во Црна Гора. Овие кружни тури успешно се реализираат години наназад и се доказ дека турските туристи се задоволни од туристичката понуда во Македонија. Затоа постојано се враќаат. Турите се реализираат од март до ноември, изјави за весникот ВЕЧЕР, Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора при ССК.

„Туркиш ерлајнс“ од оваа сезона има директен лет од Истанбул и од Охрид, и тоа четирипати неделно – во понеделник, четврток, петок и во недела. А секој ден има по седум директни лета од Турција до Скопје.

– Откако ќе заврши оваа туристичка сезона, во нашите главни туристички центри повторно ќе имаме гости, неколку десетици илјади, кои ќе генерираат неколку стотици илјади ноќевања. Зборувам за бројка од 40, 50, 60 илјади гости кои ќе бидат надвор од сезоната и зборувам за бројка од 150, 200, 300 илјади ноќевања, нешто што сме го немале во минатото. Со организиран пристап и со посветеност се постигнуваат резултати и во делот на туризмот, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Во периодот од јануари до јули годинава, вкупниот број на туристи е зголемен за 10,2 проценти, при што кај странските зголемувањето е 15,1 процент. Од вкупниот број туристи во јули, 42.1  процент се домашни, а 57.9 проценти се странски. Бројот на ноќевањата во јули годинава изнесува 770.733, од кои 69.2 проценти се од домашните туристи, а 30.8 проценти од странските туристи.

Во периодот јануари – јули годинава во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 10.2  проценти, односно кај домашните туристи има намалување за 0.1 процент, а кај странските има зголемување за 15.1  процент.

Ако се направи споредба со минатата година, може да се види дека Македонија во јули 2024 година ја посетиле 204.336 туристи кои оствариле 756.831 ноќевање. Од нив 58,2 проценти биле странски посетители, а 41,8 проценти домашни, додека во ноќевањата доминирале домашните со 70,6 проценти наспроти 29,4 проценти странски. Ова покажува дека годинава бројот на туристите е поголем за околу 5.600, а и бројот на ноќевањата е зголемен за речиси 14.000, што ја потврдува позитивната тенденција.

Податоците укажуваат дека главниот двигател на порастот на туризмот во Македонија сè повеќе стануваат странските гости. Домашните туристи и натаму се клучни во структурата на ноќевањата, но бележат благ пад, што може да се толкува како резултат на промени во туристичките навики, финансиските услови или, пак, зголемениот интерес за патувања во странство.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ