Во изложбениот простор „Арсенале – Сале д’Арми“ во Венеција, во рамките на 19. Меѓународна изложба на архитектура – Венециско биенале за архитектура 2025, Македонија се претставува со проектот „Страда бруталисима“. – Иако насловот сам по себе звучи грубо, тој во себе крие длабока емоција која е поврзана со приказна за Скопје, градот кој по земјотресот во 1963 година, благодарение на солидарноста на светот и визијата на многубројни архитекти, избра повторно да се издигне, достоинствено и со надеж, со нов поглед кон иднината, рече министерот за култура Зоран Љутков, на отворањето на македонскиот павилјон на Биеналето за архитектура во Венеција

-Годинава нашата приказна носи наслов „Strada Brutalissima“ (Страда бруталисима). Иако насловот сам по себе звучи грубо, тој во себе крие длабока емоција, која е поврзана со приказна за Скопје, градот кој по земјотресот во 1963 година, благодарение на солидарноста на светот и визијата на многубројни архитекти, избра повторно да се издигне, достоинствено и со надеж, со нов поглед кон иднината. Токму тоа Скопје стана симбол на нов почеток, стана глас кој зборува преку карактеристични бетонски зданија, со нагласена игра на светлината и сенките, преку просторот кој претендираше да биде функционален, но истовремено не помалку и човечен, рече денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на отворањето на македонскиот павилјон на Биеналето за архитектура во Венеција.

Во изложбениот простор „Арсенале – Сале д’Арми“ (Sale d’Armi) во Венеција, во рамките на 19. Меѓународна изложба на архитектура – Венециско биенале за архитектурата 2025 што ќе трае до 23 ноември, Македонија се претставува со проектот „Strada Brutalissima“ (Страда бруталисима). Проектот е под кураторство на Благоја Бајковски, што е авторско дело на кураторот и тимот составен од Ана Рафаиловска, Невенка Манчева Аџиевска, Марија Антиќ-Николова, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски. Комесари на изложбата се Маја Неделковска-Брзанова и Фросина Зафировска.

Како што посочи Љутков во своето обраќање, архитектурата, која денес ја препознаваме како бруталистичка, може да изгледа строго, но зад нејзините остри линии, и монументални и динамични форми се криеше отпорноста, солидарноста и вербата во подобро утре.

-Денес овие објекти сè уште стојат како живи хроники на време исполнето со надеж и многубројни предизвици. Затоа „Страда бруталисима“ не е само улица, таа е патека низ времето, низ слоевите на нашата колективна меморија. Со „Страда бруталисима“ авторите не се обидуваат само да ја прикажат архитектурата од тој период, туку ја раскажуваат и приказната за генерациите кои граделе едноставно, но со многу верба дека добро испланираниот урбан простор влијае врз градењето функционална и плодна општествена заедница. Проектот отвора дијалог со минатото, но и со сегашноста, со локалното и глобалното, со заборавеното и она што бара ново препознавање, истакна Љутков.

Тој додаде дека да се биде дел од Венециското биенале за архитектура, е можност да се вклучиме во глобалниот разговор за потребата од заемно поврзување и градење хумано општество преку јазикот на формата, на материјалот и визијата.

– И токму затоа денес стоиме овде, како дел од овој голем меѓународен разговор, за да споделиме дел од нашата историја, култура и уметност, истовремено слушајќи ги туѓите приказни, како предуслов за заемно разбирање. Токму во таа нишка што ја поврзува историјата на Скопје со духот на Венеција, градот кој и самиот многу добро ја познава борбата со времето, природата и промените, го лоцираме суштинското значење на нашето присуство, на една од најзначајните светски манифестации за архитектура, додаде Љутков.

Како што посочија, пак, претходно од Националната галерија на Македонија, „Strada Brutalissima“ ја поставува во фокус бруталистичката архитектура на Скопје – уникатен и парадигматичен слој од постземјотресната историја на градот, а главната цел е да ја активира архитектонската интелигенција вткаена во бруталистичкото наследство. Поставката извлекува 10 бруталистички примери од автентичноста на нивниот контекст и ги репозиционира во нова просторна организација, создавајќи „концептуална улица на знаењето“.

Како што појаснуваат, изложбата е структурирана низ два улични фронта, кои меѓусебно комуницираат и оформуваат линеарен репозиториум на информации и простор за критичко промислување.

– Првиот фронт е обликуван преку графичките биографии на избраните бруталистички објекти од Скопје, кои ја илустрираат сложеноста на нивните архитектонски композиции. Вториот фронт претставува транскрипции на знаења инкорпорирани во овие објекти, надополнети со критички осврти од еминентни македонски и меѓународни архитекти. „Strada Brutalissima“ укажува како може колективното размислување за бруталистичката архитектура да поттикне нови форми на архитектонска мисла, кои предизвикуваат, ја трансформираат идната архитектонска практика и генерираат нови визии за современата архитектура. На овој начин, проектот се вградува во генералната тема на 19. Меѓународна изложба на архитектура во Венеција, насловена „Интелигентни. Природни. Вештачки. Колективни“, курирана од италијанскиот архитект Карло Рати – додаваат оттаму.

Проектот „Страда бруталисима“ е во организација на Националната галерија на Македонија, во соработка со Архитектонскиот факултет, а поддржан од Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Кураторот Бајковски е доцент на Архитектонскиот факултет и досега, како дел од тим, двапати има учествувано на Венециското биенале за архитектура.

ИЗДВОЕНИ