Државниот завод за ревизија, во својот последен извештај кој се однесува на работењето на Министерството за здравство за 2023 година, забележува на недостапноста на лекови за пациентите, слабото контролирање во набавките, застојот со изградба на нови болници и клиничките центри во Скопје и во Штип и сето тоа влијае на квалитетот на здравствените услуги за граѓаните.
Од програмите за лекување, ревизорите издвојуваат недоследности при спроведувањето на програмата за лекување на ретки болести. Не се следел ефектот од набавената терапија, а немало ниту податоци колку имало лекови на залиха. Проблемите со набавка на медицински помагала за пациентите со дијабетес, ревизорот ги лоцира во нецелосната контрола на залихите поради несовпаѓање на податоците од Мој термин со тие од болниците. Загрижувачка е и состојбата со рано откривање на ракот, програмата не ги дава ефектите и покрај потрошените близу 23 милиони денари за скрининг.
„Ревизијата утврди дека недостасуваат јасно дефинирани мерливи индикатори, опфатот на населението е низок, а дел од пациентките чекале долго или не добиле резултати од скринингот за рак на грло на матка и рак на дојка, што значително го намалува влијанието на превентивните мерки“, заклучува ревизорот.
Можеби најголемиот удар во здравствениот систем е одложувањето на изградбата на болниците во внатрешноста и клиничките центри во Скопје и Штип, чиј проект започнал уште пред десет години.
„Откажувањето на компонентата за изградба на клиничкиот центар во Скопје, пролонгирањето на роковите и раскинувањето на договорот за клиничкиот центар во Штип, резултирале со покренување на арбитражни постапки за отштетни побарувања во вкупен износ од 45 милиони евра. Истовремено, од вкупниот заем од 97 милиони евра, неповратно се повлечени 83,4 милиони евра од страна на кредиторот, односно средствата повеќе не се достапни за државата поради нивно неисполнување на условите и нереализација на проектот во предвидениот рок“, ревизорот ги нотирал милионските загуби поради одложување на изградбата на двете клиники.
Уште еден проблем во работењето на здравствените власти е тоа што ревизорите ја потенцираат ниската свест за вакцинација поради недовербата на граѓаните во вакцините, особено по ковид-пандемијата. (П.А.)