Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која ги одзема животните од неодговорните сопственици, велат дека во јануари и овој месец не спровеле акции за заловување поради неповолните временски услови. Според податоците, од 2024 година АХВ е официјален сопственик на животните, но досега успеала да собере само 53 крави, кои се згрижени во штала со законски услови за здравствена заштита и благосостојба на животните. Од Општина Крива Паланка појаснуваат дека законската надлежност за згрижување на животните е кај АХВ, а локалните власти можат само да дадат логистичка поддршка
Стадо од околу 600 говеда повеќе од една деценија талка низ Кривопаланечко, предизвикувајќи штети врз имотот и земјоделските поседи. Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која ги одзема животните од неодговорните сопственици, велат дека во јануари и овој месец не спровеле акции за заловување поради неповолните временски услови.
– Поради лошите теренски услови и континуираното попречување на работата на официјалните ветеринари на АХВ од страна на поранешните сопственици на говедата, активностите за подигање на животните досега се спроведуваа отежнато, најчесто со асистенција на полицијата – коментираат од АХВ.
Во ноември минатата година, на социјалните мрежи се споделуваа снимки од судир меѓу полицијата и поранешните сопственици на стадото, семејството Ѓорѓиевски, во текот на заловувањето. Според податоците, од 2024 година АХВ е официјален сопственик на животните, но досега успеала да собере само 53 крави, кои се згрижени во штала со законски услови за здравствена заштита и благосостојба на животните.
Во декември минатата година, Обвинителството поднесе обвинение против поранешните сопственици за делото спречување службено лице во вршење службено дејство, а едниот од нив и една од ќерките беа во притвор. Судскиот процес продолжува и следното рочиште е закажано за втори април годинава.
По неколкуте последни објави во медиумите, од Општина Крива Паланка со појаснување во однос на проблемот што повеќе од една деценија ја засега Општината, а се однесува на несовесно одгледување и чување говеда. Општинските власти велат дека градоначалникот на Крива Паланка и инспекциските служби немаат законска надлежност за постапување во вакви случаи.
– Надзорот, контролата и спроведувањето на мерките во делот на здравствената заштита и благосостојбата на животните се во надлежност на Агенцијата за храна и ветеринарство. Исто така, постапувањето по инспекциските мерки, вклучително и одземање и понатамошно згрижување на животните, се спроведува исклучиво преку надлежните државни инспекциски служби – велат од Општина Крива Паланка.
Согласно со информациите што ги имаат, предметното стадо говеда е трајно одземено со правосилно и извршно решение и се наоѓа во сопственост на АХВ.
Проблемот произлегува од фактот што, и покрај донесеното решение пред повеќе од две години, досега не е спроведена постапка за трајно згрижување на животните, што дополнително ја усложнува состојбата на терен – велат оттаму и потенцираат дека Општината нема законски надлежности, ниту институционални ресурси за самостојно постапување, а може да обезбеди единствено логистичка поддршка при евентуални активности на државните институции.
Исто така, Општина Крива Паланка укажува дека, покрај штетите на физички лица, секојдневно има трошоци за одржување на урбаното зеленило и на јавните површини.
(С. Бл.)












