Стотици илјади демонстранти во Тел Авив бараат војната во Газа да прекине и да се ослободат заложниците. Ова беа најголеми демонстрации во Израел од почетокот на војната со Хамас на 7 октомври 2023 година.
„Вратете ги сите дома! Запрете ја војната!“ извикуваше огромната толпа, која се собра на таканаречениот Плоштад на заложниците во Тел Авив. Иницијаторот на протестот – Форумот на заложници и исчезнати семејства, процени дека околу 500.000 луѓе се придружиле на демонстрациите во Тел Авив, бројка што не е потврдена од полицијата.
-Бараме сеопфатен и остварлив договор и крај на војната. Бараме она што е наше со право – нашите деца. Израелската влада ја трансформираше праведната војна во бесмислена војна, рече Еинав Зангаукер, мајка на заложник.
Израелската полиција уапси најмалку 25 демонстранти. Според полициското соопштение, 11 лица се приведени во Тел Авив поради „нарушување на јавниот ред и сериозно попречување на слободата на движење“.
Протестите се случуваат откако пред повеќе од една недела израелскиот кабинет за безбедност ги одобри плановите за освојување на градот Газа.