И оваа година „Прв до врв“ ќе им го овозможи на скопјани задоволството да бидат дел од највеселата „Дедомразовска трка“ во пресрет на новогодишните празници. Стотици Дедомразовци ќе ги исполнат улиците со насмевки, радост и со празнична енергија.
Станува збор за празнична авантура за целото семејство, која ќе може да се доживее на 28 декември со почеток во 12:00 часот, на плоштадот „Македонија“. Трасата на трката ќе биде долга два километри.
Секој учесник ќе добие дедомразовски костим, а за сите деца на возраст до 10 години ќе има пакетчиња. Исто така, за најбрзите се подготвуваат специјални награди. Прогласувањето на победниците ќе биде веднаш по завршувањето на трката.
– Настанот ќе биде збогатен со новогодишна лотарија за сите учесници, многу музика, забава и, пред сè, со празнично расположение – најавуваат организаторите.
Пријавувањето ќе започне наскоро.












