Стопанската комора на Северна Македонија апелира решавањето на проблемот со примената на правилото 90/180 дена за професионалните возачи во меѓународниот товарен патен транспорт да се бара преку институционален дијалог, а не преку блокади на граничните премини, кои, како што оценува, можат да предизвикаат сериозни економски последици за земјата и регионот.
Од Комората предупредуваат дека дури и еднодневно нарушување на протокот на стоки на граничните премини со Европската Унија може да резултира со значителни загуби, не само за транспортните компании, туку и за сите деловни субјекти вклучени во надворешно-трговската соработка. Најавените блокади, кои би траеле повеќе денови, според нив, носат ризик од колапс на синџирите на снабдување во целиот регион на Западен Балкан.
Загубите, како што наведува Комората, тешко можат однапред да се пресметаат, бидејќи ќе настанат по повеќе основи – пенали за задоцнета испорака, откажување договори, намалено производство, нереализиран извоз и недостиг од суровини за навремено производство. Сепак, сигурно е дека последиците би биле од големи размери и би се одразиле врз целокупната економија.
Стопанската комора информира дека минатата недела, заедно со коморите од земјите од Западен Балкан, упатила заеднички апел до претседателката на Европската комисија со барање земјите-членки да усвојат привремени мерки што ќе им овозможат на професионалните возачи непречено извршување на меѓународниот патен транспорт, сè додека не се воспостави трајно и системско решение.
Според Комората, ваквиот пристап би бил во заеднички интерес и на Европската Унија и на Западен Балкан и би испратил јасен сигнал за поддршка на економската интеграција на регионот и заштита на синџирите на снабдување. Воедно се нагласува дека актуелниот начин на примена на ЕЕС системот е неконзистентен со целите на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.
Од Стопанската комора потсетуваат дека Европската Унија е најважниот извозен пазар на Северна Македонија, со повеќе од три четвртини од вкупниот извоз на земјата, поради што од стратешки интерес е да се обезбеди стабилност на снабдувачките синџири и непречен проток на стоки.
(С.Бл.)












