„Стоп за Вардариште“ ги интензивира протестите

46

Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ ги интензивира протестите против постојаното загадување од депонијата „Вардариште“, поради нејзиното континуирано палење. Тие ќе протестираат кај мостот „Близнаци“, од 15:00 до 18:00 часот. Ова го најавуваат поради, како што велат, игнорантскиот однос на институциите.

– Бидејќи никој не нè слуша, протестите ќе бидат поинтензивни и поочигледни. Нема да застанеме додека не се преземат вистински мерки за Вардариште“ – истакнуваат од граѓанската иницијатива.

Речиси еден месец, аеродромци го блокираат сообраќајот на таа локација, предупредувајќи дека токму Аеродром и Гази Баба најмногу страдаат од чадот и од загадувањето што доаѓа од депонијата. Ним им се придружија и жителите од Гази Баба со блокади кај рампата во Термо, повикувајќи го на блокадата и градоначалникот Бобан Стефковски, како што им се придружи на аеродромци в.д. градоначалникот Дејан Митоски.

Се очекува да продолжат протестите и во наредниот период, сè додека не понудат надлежните конкретни решенија за овој долгогодишен проблем.

Протестите уследија откако на крајот од август избувна голем пожар на дивата депонија „Вардариште“, по кој со денови мирисаше на изгорено.

Граѓанската иницијатива неодамна ги отфрли наводите околу политичката заднина на протестите, велејќи дека нивните активности не се под влијание на политичките партии.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ