Иницијативата „Стоп за Усје“ обвини дека Општина Кисела Вода ја скрила реалната состојба на воздухот во Цементарницата, каде што функционира мерна станица поставена во кругот на фабриката. Според нив, станицата треба да овозможува мерења во реално време на ПM-10, ПM-2.5, SO₂ и NOx, интегрирани во јавни апликации, за да бидат граѓаните целосно информирани за загадувањето предизвикано од согорувањето на петрококс и јаглен.
– Тврдењето на Општината е целосна лага. Ги гледаме само оние податоци што тие сакаат да ги објават. На граѓаните им се скратува правото на транспарентни информации за квалитетот на воздухот – изјави Александар Тодески од „Стоп за Усје“.
Од Општина Кисела Вода најостро ги демантираа обвинувањата. Во соопштението се наведува дека мерната станица Aeroqual AQS-1, поставена во 2024 година, функционира во интерес на јавноста, а податоците се редовно ажурирани на официјалната веб-страница. Техничките ограничувања моментално не дозволуваат интеграција во надворешни апликации, но граѓаните можат секогаш да пристапат до измерените вредности.
– Сметаме дека е крајно некоректно да се користи јавниот простор за пласирање дезинформации. Ова е особено недолично ако се земе предвид дека градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска оствари средба со претставници на ова здружение веднаш по нивното барање, а истото здружение има и континуирана комуникација со сите општински служби. Грижата за здравјето на граѓаните е наш највисок приоритет. Општината отсекогаш работела транспарентно и со партнерски пристап со граѓанскиот сектор – соопштија од Кисела Вода.
Иницијативата „Стоп за Усје“ најави дека ќе продолжи со притисокот за целосна функционалност на станицата и за интеграција на податоците во јавни апликации, особено во контекст на барањето на цементарницата Усје за нова еколошка лиценца.
– Лажните тврдења на институциите, кои одбраа да бидат на страната на загадувачот наместо на граѓаните, нема да поминат – порача Тодески.












