Полицијата апелира до граѓаните да се воздржат од употреба на пиротехнички средства за време на новогодишните празници. Притоа, потсетија на законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства и прекршочните глоби кои предвидуваат и затворски казни за лицата кај кои ќе бидат пронајдени експлозивни материи. Секоја година се регистрираат тешки повреди кои често доведуваат до трајни последици. Минатата година три деца на возраст од 12 и 13 години претрпеле тешки повреди на рацете, со ампутации на прстите како резултат на експлозија на петарди

Новогодишната прослава на Градскиот плоштад, годинава, ќе биде без огномет. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, ја прифати иницијативата на Зелен хуман град за забрана на огномет на територија на градот, односно да се забрани употреба на експлозивни материи од страна на физички или правни лица, со цел одбележување прослави или каков било вид забава.
– Ова претставува мал, но значаен чекор кон подобрување на квалитетот на животот на најранливите групи граѓани во Скопје, намалување на преголемото загадување на воздухот, како и на сите медиуми на животна средина и, се разбира, етички чекор кон тоа безгласните жители на Скопје, животните, да не доживуваат енормен стрес и потенцијална смрт за три минути „забава“– нагласуваат од Зелен хуман град.
Оттаму додаваат дека ова не ги спречува бројните несовесни граѓани кои новогодишните празници ги доживуваат како погоден момент на своја рака да палат огномет и разни пиротехнички средства.
Затоа, апелираат и очекуваат Министерството за внатрешни работи да е на висина на задачата, особено на дочекот на Новата година. Истовремено, потсетуваат на нивното барање што побрзо Собранието да усвои законски измени и да забрани огномет и каква било пиротехника и на затворено и на отворено.
Од „Зелен хуман град“ повторно укажуваат на драматичните последици од огнометите врз животните.
– Околу 70 – 75 % од домашните миленици доживуваат силен страв, тресење, паника, обиди за бегство и повреди, а кај дивите животни се документирани масовно пцовисување, особено кај птиците – предупредуваат од „Зелен хуман град“.
Освен тоа, тие додаваат дека огнометите ослободуваат огромно количество PM2.5 и PM10, токсични гасови (јаглерод моноксид CO, сулфур диоксид SO₂, азотни оксиди NO), како и тешки метали, како што се бариум, бакар, стронциум и олово, кои ги загадуваат почвата, воздухот и водата.
– Последиците директно ги погодуваат најранливите групи: децата, бремените жени, лицата со астма, ХОББ и кардиоваскуларни заболувања. Научните студии покажуваат значителен скок во загадувањето на воздухот и на водата по огномети, со сериозни ефекти врз дивиот свет и луѓето. Огнометите значат нарушено здравје, покачено загадување, ризик од пожари и системско малтретирање и на луѓето и на животните. Затоа, многу градови во светот преминуваат на алтернативни визуелни форми на прослави кои не предизвикуваат штета – нагласуваат од „Зелен хуман град“.
А употребата на петарди може да е кобна. Минатата година, тинејџер, за жал, остана со траен инвалидитет на раката откако му пукнала петарда. Доктор Јасмина Ѓоргиевска-Павловска посочи дека секоја година се регистрираат тешки повреди кои често доведуваат до трајни последици. Минатата година, три деца на возраст од 12 и 13 години претрпеле тешки повреди на рацете, со ампутации на прсти како резултат на експлозија на петарди.
Во декември лани, имало околу 50 лица од 12 до 18 години кои настрадале од петарди е информацијата која лани ја обелоденија институциите. Да не го заборавиме податокот дека повеќе од 150.000 луѓе во светот секоја година остануваат инвалиди поради употреба на петарди, а од нив 80 отсто се деца. Загрижувачки факт е што речиси половината од повредените деца при ракување со петарди се деца под 16 години, а машките се трипати почести жртви од девојчињата.
И од Министерството за внатрешни работи неодамна ги повикаа граѓаните да се воздржат од употреба на пиротехнички средства за време на новогодишните празници. Притоа, потсетија на законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства, и прекршочните глоби кои предвидуваат и затворски казни за лицата кај кои ќе бидат пронајдени експлозивни материи.
Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 100 до 250 евра за оној што неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства, сличен експлозивен, или лесно запалив материјал, или на сличен начин ги нарушува мирот и безбедноста на граѓаните. Според член 32 од овој закон, оној што на јавно место неовластено приреди огномет, факелијада или слична приредба или не преземе мерки за безбедност, ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност.
Согласно со Кривичниот законик, во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што: тој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години. Ако предмет на делото е поголемо количество огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои им се забранети на граѓаните, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.
– Петардите не се играчка, нивното користење е строго забрането бидејќи може да биде исклучително опасно по животот и здравјето на луѓето, особено на младите, и да остави трајни последици – нагласија од МВР.
Оттаму наведоа дека преземаат континуирани активности со засилена динамика пред Нова година, кога употребата на пиротехнички средства е најприсутна, а со цел зголемување на свеста кај младите, но и кај нивните родител, за штетите и за последиците што можат да ги предизвикаат овие средства.
Само на 14 декември 2025 година, полициски службеници од СВР Скопје, во акциска контрола заплениле 3.372 парчиња пиротехнички средства на булевар „Крсте Мисирков” и на улица „192“, кои се продавале на импровизирани тезги. На 10 декември 2025 година, на влезот на Бит-пазар биле пронајдени 2.141 парчиња пиротехнички средства, кои биле поставени на импровизирана тезга. Преку 7.107 парчиња пиротехника, пак, биле запленети на 8 декември 2025 година, на влезот на скопскиот Бит-пазар, поставени на три импровизирани тезги, во акција спроведена од полициски службеници на СВР Скопје – ЕВР Центар и Бит-пазар, со цел да се спречи нелегалната продажба на опасни пиротехнички средства пред празничниот период.
(А. П.)












