Стоковните резерви наместо со увозна, ќе се полнат со домашна пченица

16

Зголемување од 2 процента годинава во однос на минатата има кај површините што беа засеани со пченица. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство посочи дека согласно со првичните податоци од науката и теренските сондажи, се бележи „сериозен раст во делот на просекот, кој ќе биде на државно ниво – тој ќе се движи оваа година над 4 тони од хектар.

– Овие 70.000 хектари што ги имаме во евиденцијата како Министерство, засеани со пченица, ќе дадат просек што е многу поголем од минатите години. Ќе добиеме производство од 280 до 300.000 тони пченица, со што ќе се задоволат домашните потреби – наведува Трипуновски.

Во минатото, како што вели, главната забелешка била што државата дозволувала да се полнат стоковните резерви со увозна пченица наместо да се полнат од домашното производство.

– На владина седница донесовме одлука со која, преку Агенцијата за стоковни резерви, од индивидуалните земјоделци ќе се врши откуп на 9.000 тони пченица за потребите на стоковните резерви – појасни министерот Трипуновски.

Додаде дека стоковните резерви ќе бидат полнети во повеќе региони низ Македонија: во Битолскиот и во Прилепскиот Регион, дел во Овчеполието и во Западна Македонија.

Од партијата ВМРО-ДПМНЕ велат дека наместо увозна пченица, која во минатото била купувана по повисока цена, сега резервите ќе се полнат со домашно производство.

– Во текот на владеењето на СДС, стоковните резерви се полнеа со пченица од странство, купена за 25 отсто повисока цена од берзанската, односно по 27 денари за килограм, што беше за шест денари поскапо. Профитот од ваквите зделки завршуваше кај посредниците, а сега целата добивка оди директно кај македонскиот земјоделец – велат од партијата.

Оттаму додаваат дека со оваа мерка се штити интересот на државата и се обезбедува сигурен пласман за домашните производители на пченица.

ИЗДВОЕНИ