Првпат во историјата, државните стоковни резерви се полнат со пченица купена од земјоделците производители, информира ВМРО-ДПМНЕ откако е објавен повикот за откуп на 9.000 тони пченица од домашно производство.
– Наместо од трговци што препродаваа српска пченица, на што ставаа „дебели“ маржи, сега парите и профитот ќе одат директно кај македонскиот земјоделец. Објавен е повикот за откуп на домашна пченица од реколтата 2025 година за потребите на државните стоковни резерви. Ќе се откупат 9.000 тони пченица по цена 13 денари за килограм од регистрираните производители на земјоделски производи – велат од партијата.
Оттаму оценуваат дека ова претставува значајна поддршка за македонските земјоделци, што го потврдува стратешкиот приоритет на Владата за заштита и поддршка на домашното земјоделско производство.
– Државата повеќе не е каса за бизнис-зделки за поединци, туку сервис за сите, каде што парите завршуваат кај народот и кај вистинските земјоделци. Македонија испишува нова, позитивна и убава историја како за државата така и за македонските земјоделци. Се вреднуваат и се исплаќаат трудот и маката на земјоделците и државните резерви се полнат со македонски производи.
Првпат во историјата, државните стоковни резерви се полнат со пченица купена од земјоделците производители.