Стоилковиќ од Белград: Западен Балкан не е на прагот на Европа, туку составен дел од европското семејство

23

Западен Балкан не е само на прагот на Европа, туку е составен дел од европското семејство, порача потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, кој учествуваше на меѓународната конференција „Западен Балкан 2030“, во организација на Европската инвестициска банка (ЕИБ), што се одржа во Белград. Стоилковиќ посочи дека иднината на регионот лежи во функционална интеграција, каде што границите ќе бидат премини кон заедничка корист, а не пречки за развој. Македонскиот вицепремиер порача дека регионалната соработка, економската поврзаност и дигиталната трансформација се клучот за стабилен и просперитетен Балкан во рамките на стабилна Европа.

-Нашиот регион долго време беше заробен меѓу политички сенки и економски бариери. Денес, иднината ја гледаме во паметни решенија, заеднички инвестиции и дигитална инфраструктура што ги поврзува луѓето, институциите и економиите. Да изградиме регион во кој младите остануваат затоа што имаат можности, инвеститорите вложуваат затоа што имаат предвидливост, и каде што соработката ги надминува поделбите, рече Стоилковиќ.

Посебен акцент во неговото обраќање беше ставен на дигитализацијата и модернизацијата како двигатели на институционален напредок и економска ефикасност. Стоилковиќ истакна дека земјава активно работи на модернизација на сообраќајната и енергетската инфраструктура, особено на Коридорот 10 – дел од Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T), како и на дигитални решенија што ќе овозможат подобра поврзаност и транспарентност во јавниот сектор.

-Со поддршка од ЕУ и ЕИБ сакаме да изградиме инфраструктура која ќе биде интероперабилна, енергетски ефикасна и усогласена со европските стандарди. Но, за тоа да стане реалност, неопходно е заедничко планирање, прекугранична соработка и размена на добри практики, порача Стоилковиќ.

Настанот собра високи владини претставници, експерти и деловни лидери од регионот и Европската Унија, со цел да се дискутира за иднината на Западен Балкан – регионална интеграција, дигитална трансформација и модерна, паметна економија.

ИЗДВОЕНИ