Претстојниот Бизнис форум, кој ќе се одржи на 2 и 3 декември во Скопје беше во фокусот на разговорот за време на работната средба одржана во Белград помеѓу заменик-претседателот на македонската Влада и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ и неговата српска колешка Адријана Месаровиќ. Стоилковиќ истакна дека очекувањата од овој бизнис форум се дека истиот ќе резултира со изнаоѓање нови форми и нови методи за соработка меѓу двете држави.

-Разговорите одеа во насока на подготовките за бизнис форумот на кој се очекува да се обратат претседателот на македонската Влада, г. Христијан Мицкоски и потпретседателот на Владата на Република Србија Адријана Месаровиќ. Прв пат во историјата на меѓудржавните средби и бизнис средби забележан е напредок од аспект што прв пат од страна на Македонија трите стопански комори настапуваат единствено што не се случило во изминатите 30 години и што е еден голем успех, пред сѐ, за македонското стопанство. На тој заеднички настап на трите македонски стопански комори во соработка со српската стопанска комора се надевам дека во присуство на околу 100 – 120 бизнисмени од двете страни ќе се изнајдат нови форми и нови методи за соработка меѓу двете држави, истакна вицепрмеиерот Стоилковиќ.
Тој додаде дека за време на официјалната посета на потпретседателот на српската влада во Македонија, се очекува да се потпише меморандум за соработка, но, како што вели Стоилковиќ, овој пат не меморандум како список на добри намери или желби што ќе се направи, туку меморандум во смисла на преземање активности кои значат многу повеќе и претставуваат обврска што поскоро да се завршуваат некои работи поврзани со заедничката соработка.
-Пред сѐ, во области како што се инвестициите, продлабочувањето на понатамошната соработка, настапот на трети пазари, развојот на патната и железничката инфраструктура, односно соработката во таа насока, рече Стоилковиќ и потсети дека проектите за брза пруга се регионални, како и дека она што треба да се има предвид е фактот дека во првите девет месеци стопанската размна меѓу Србија и Македонија бележи пораст за 17 %.
-Сепак морам да кажам дека очекувањата и на граѓаните и на нас политичарите во однос на таа соработка треба да биде поголема, така од тој аспект претстои многу работа, има многу проекти, недостасуваат многу пари како и секогаш, но постои добра волја работите да се туркаат напред, додаде вицепремиерот и министер Стоилковиќ.
По средбата со српската колешка, Месаровиќ, вицепремиерот Стоилковиќ порача дека на бизнис форумот идниот месец во Скопје, ќе се разговара за понатамошно унапредување на соработката, пласман на македонските и српски производи на пазарите на двете држави, за што, како што рече, постојат сериозни потенцијали.












