
Легендарниот бугарски фудбалер и добитник на Златната топка во 1994 година, Христо Стоичков, во интервју за шпанскиот весник „Марка“ зборуваше за Светското клупско првенство. Поконкретно, тој се осврна на растечките критики кон турнирот, особено тие на Јурген Клоп, директорот за фудбал на групацијата „Ред Бул“, и бразилската ѕвезда на Барселона, Рапфиња.
Тие се пожалија дека нивните распореди се стеснети поради новиот турнир што трае еден месец и се жалат дека фокусот е исклучиво на профитот, а не на благосостојбата на играчите.
„Не го очекував тоа од Јурген. Тој ја има мојата почит, но можеби е малку лут затоа што Салцбург повеќе не е во натпреварувањето, а тој е директор на „Ред Бул“. Никој не се пожали кога играше Ливерпул, никој не се жали кога добиваат пари. Мислам дека треба да има повеќе почит кон турнири како овој“, започна Стоичков.
Поранешниот фудбалер на Барселона се осврна на изјавата на Клоп дека Светското клупско првенство е најлошата идеја во историјата на фудбалот, а застана во одбрана на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино:
„Нема празни трибини, освен на еден натпревар кога имаше лошо временски услови поради грмотевици. Вчера, Мареска од Челзи се пожали на дождот, но што можеме да направиме? Да му дадеме на Инфантино далечински управувач за да го запре дождот? Тие се жалат на сè.“
Од друга страна, бразилскиот напаѓач Рапфиња, кој ужива во паузата откако Барселона не успеа да се квалификува за турнирот, го критикуваше календарот кој не остава доволно време за закрепнување по тешката сезона.
„Мораме да одиме затоа што е наредено, но како играч на европски клуб е тешко да се откажеме од пауза за друг турнир. Не бевме прашани ништо“, рече Рапфиња, додавајќи дека играчите треба да имаат најмалку три недели одмор помеѓу сезоните.
Стоичков, исто така, му возврати на Бразилецот. „Добро, но следната година Рапфиња ќе игра тука на Светското првенство, како да заборавил. И јас играв тука… Треба малку да се ублажи тонот. Порано имаше две замени, сега има пет, што значи дека можете да ја смените половина од тимот на полувреме и да направите уште една во продолжение. Ако продолжите да се жалите, тоа не е фер кон мене. Како никогаш да не сме играле многу натпревари во една сезона.“
„Не ги слушам како се жалат кога заработуваат 20 милиони годишно и играат само во сабота. Тие не играат во Купот на кралот, ниту во ФА Купот, ниту во Карабао Купот. Тие натпревари порано значеа нешто, бидејќи преку нив можеше да се стигне до Европа. Денес Шпанија има шест клуба во Лигата на шампионите, Англија исто, Италија исто. Не знам за што се жалат“, додае Стоичков.
Конечно, тој му испрати уште една порака на Клоп: „Што би сакал да прави – да игра во Кина, Јапонија, Индонезија или да учествува во натпреварување што ви носи поголем престиж? Тој играше на овие турнири со Ливерпул пред неколку години, тогаш не го слушнав да се жали. Можеби едноставно му недостасуваат тимовите на Ред Бул. Ова е важен турнир, со многу млади играчи, кои добиваат шанса тука“.