Македонскиот пијанист од светски глас, Симон Трпчески, продолжува да ја освојува публиката со своите концерти, во светски рамки, а последниот негов настап во бразилската метропола, Саун Пауло, ја крена публиката на нозе. На ова гостување во Бразил му претходеа настапите на отворањето на 39. фестивал „Будва – Град театар“ во Црна Гора и во рамките на фестивалот „Вондерфил“ во Холандија, каде што заедно со своите пријатели Крстев, Сомов, Мамудов и Нушев го изведе проектот „Македонисимо“.

– Јулските концерти на Трпчески значеа неколкудневен престој на сцените во бразилската метропола, Саун Пауло. Серијата започна со рецитал на 13 јули, по што дури три вечери (од 17 до 19 јули), како солист на Симфонискиот оркестар на Саун Пауло, под диригентската палка на прославениот маестро Васили Петренко, Трпчески учествуваше во изведбата на Концертот за пијано и оркестар број 1 од Чајковски. Бразилската публика со овации ги поздрави сите изведби, а вистински куриозитет беа македонските знамиња во публиката. На топлиот прием нашиот пијанист возврати со изведби на бис – од Вила Лобос, преку Бужаровски, до фрагмент од „Македонисимо“. Со своето ангажирано присуство, концертите ги поддржа и претседателот на Македонско-бразилската стопанска комора, Луис дел Вале – велат од „Култур оп“.

Тука не застануваат успешните настапи на Трпчески во светот.

На крајот од месецов (31 јули), богатата концертна сезона на нашиот пијанист ќе биде заокружена со настапот како солист на филхармонискиот оркестар „Тосканини“, на фестивалот „Леричи“, каде што во амбиентот на тврдината Фирмафеде во Сарцана, под диригентската палка на Џанлука Марчијано, на програмата е Концертот за пијано и оркестар број 2 од Рахманинов.

Почетокот на новата сезона во септември ќе го одведе нашиот пијанист на настапи во Чешка, поточно во Прага, каде што заедно со прашката Филхармонија, под диригентската палка на Емануел Вилауме, ќе одржи концерт на 4 септември, на кој ќе бидат изведени дела од Моцарт, Шуберт, Сен-Санс и од Хајдн. Потоа ќе следуваат концерти во Соединетите Американски Држави, Романија, Велика Британија, Холандија…

ИЗДВОЕНИ