Првите критики по премиерата во Венеција го оценија филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска како „смело и современо филмско портретирање“ и „најкомплексното остварување на Митевска досега“. Овој исклучителен прием претставува уште еден голем успех за македонската кинематографија – во Венеција беше прикажан филм што се наметнува со интернационален јазик, естетика и релевантност

Со долг аплауз и стоечки овации, филмот „Мајка“ на македонската режисерка Теона Стругар Митевска беше премиерно прикажан на првиот ден од 82. Венециски филмски фестивал во преполната Сала Дарсена, отворајќи ја престижната селекција „Хоризонти“.

Филмот ја раскажува интимната и драматична приказна за младата Тереза во Калкута, во 1948 година – во мигот кога таа чека одобрение од Ватикан да го напушти манастирот и да основа нов ред. Во главната улога блеска светски познатата актерка Номи Рапас, која ја толкува идната Мајка Тереза како сложена, човечна и противречна личност – исполнета со амбиција, сомневања и силна жед за слобода.

Режисерката и дел од актерската екипа на „Мајка“

Актерската екипа ја сочинуваат и Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик, Силивија Хукс како сестра Агнешка, како и Екин Чорапчи, Марајке Пиној и Лабина Митевска. Сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарaгиќ, додека зад камерата стои наградуваната белгиска директорка на фотографија Виржини Сен-Мартин (SBC).

Првите критики по премиерата во Венеција го оценија „Мајка“ како „смело и современо филмско портретирање“ и „најкомплексното остварување на Митевска досега“. Овој исклучителен прием претставува уште еден голем успех за македонската кинематографија – во Венеција беше прикажан филм што се наметнува со интернационален јазик, естетика и релевантност.

„’Мајка’ не е класичен биографски филм, туку обид да се прикаже една жена – Мајка Тереза – како сложена, повеќеслојна личност, далеку од клишеата на насмеаната светица. Доаѓајќи од истата земја и град, чувствував длабока поврзаност со историскиот лик – и восхит кон нејзината храброст и решителност. Но, се прашав: зошто мажите во историјата сме ги претставувале во најразлични светла, славени и во нивното добро и лошо, а жените речиси секогаш еднодимензионално? Со ‘Мајка’ сакав да дадам нова перспектива, и да портретирам женска историска фигура прикажана без идеализации, туку со својата автентична сила, амбиција и противречности. Во таа смисла, ‘Мајка’ е филм за слободата – и за храброста на една жена да биде различна, и покрај сите ограничувања на своето време“, изјави Теона Стругар Митевска за време на прес- конференцијата во Палазо дел казино.

Режисерката и дел од актерската екипа на „Мајка“

Номи Рапас, пак, рече: „Прифаќањето на оваа улога беше неверојатен предизвик и патување. Со месеци живеев со ‘Мајка’ во мене, низ многу емоции и внатрешни битки. Се нурнав во нејзиниот свет преку истражувања – читав многу, и позитивно и негативно, ги проучував нејзините писма, Библијата и Куранот, се обидував да го разберам времето и местото во кое делувала. Она што го гледате на екранот е мојата Тереза – не копија, туку обид да ја пронајдам вистинската личност зад митот. Соработката со Теона беше апсолутно прекрасна. Имавме искрена и силна врска, работевме без его и ја создадовме нашата Мајка Тереза заедно. Тоа беше двегодишно патување кое ми донесе нови перспективи и длабоко ме збогати“.

Уште пред премиерата, „Мајка“ беше продаден за кино-дистрибуција во преку 15 европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Италија, Шпанија, Данска, Шведска, Норвешка, Полска, Чешка, Финска и Белгија. Од 3 декември, филмот ќе започне со киноприкажување низ Европа – ретко и извонредно достигнување за македонска продукција.

„Овој извонреден интерес е доказ дека филмот има потенцијал да стане едно од најистакнатите европски остварувања оваа година“, истакнуваат, пак, од француската агенција Kinology, задолжена за светска продажба и дистрибуција.

По премиерата во Венеција, филмот продолжува на своето фестивалско патување низ Европа и светот, а за македонската публика ќе биде прикажан на 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 20 до 26 септември во Битола.

„Со оваа премиера, македонската кинематографија уште еднаш направи голем исчекор на светската сцена. Отворени се вратите кон нови можности, а патот кон меѓународен успех е трасиран – не само за филмовите на Теона, туку и за новите млади генерации кои доаѓаат”, изјави директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.

„Мајка“ е копродукција на Македонија, Белгија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина, во продукција на Лабина Митевска и Себастиен Делое, со извршни продуценти Номи Рапас и Силвија Хукс. Проектот е поддржан од македонската Агенција за филм, Шведскиот филмски институт, Данскиот филмски институт, Центарот за кино на Федерацијата Валонија Брисел и повеќе европски фондови.

Инаку, Венецискиот филмски фестивал се отвори синоќа со премиера на филмот „Ла Грација“ (La Grazia) од италијанскиот режисер Паоло Сорентино. На свеченоста на отворањето американскиот режисер Фрeнсис Форд Копола му го додели „Златниот лав“ за животно дело на германскиот режисер Вернер Херцог, кој го претстави својот нов документарец „Ghost Elephants“.

Френсис Форд Копола и Вернер Херцог

„Мостра отсекогаш ми била дом. Тука можев да се сретнам со моите колеги, публиката и пријателите. Фрeнсис, се познаваме половина век – ти сè уште ме инспирираш. Животот беше добар кон мене. Секогаш се обидував да бидам добар војник на филмот. Ова бара упорност и чувство на должност“, рече Херцог.

На фестивалот, кој ќе трае до 6 септември, во главната натпреварувачка програма меѓу другите ќе бидат прикажани и филмовите „Џеј Кели“ на Ноа Баумбах; „Волшебникот од Кремљ“ на Оливие Асајас; „Франкенштајн“ од Гилермо дел Торо, „Куќа од динамит“ од Кетрин Бигелоу, „Тивок пријател“ на Илдико Ењеди; „Бугонија“ од Јоргос Лантимос, „Татко, мајка, сестра, брат“ од Џим Џармуш.

Во Венеција пристигнаа повеќе холивудски ѕвезди како Џорџ Клуни, Ема Стоун, Лора Дерн, а на црвениот тепих на отворањето прошетаа Кејт Бланшет, Хајди Клум, Тилда Свинтон и други. Медиумите известуваат дека фестивалот беше отворен во напнати геополитички околности, поради војната во Газа.

Кејт Бланшет
Хајди Клум

На фестивалот учествува уште еден македонски автор. Режисерката Тамара Котевска оваа година ќе се претстави со два документарни филма. Освен со „Силјан“ (The Tale of Silyan), кој на 29 август ќе има својата светска премиера во селекцијата Out of Competition, македонската режисерка со нејзиниот четврти долгометражен документарец „Мамутите кои избегаа од царството на Елрих хан“ кој се снима во Сибир е селектирана на престижниот копродукциски маркет на Венеција.

Фото: EPA/EFE

ИЗДВОЕНИ