Стоечки овации за оркестарот и маестро Јерухам Шаровски, два биса за колумбискиот виолончелист Сантијаго Канон- Валенсија и силни емоции од изведбата на „Македонска парафраза“, бр. 2 на Бете Илин го означија почетокот на новата 2025/2026 сезона на Македонската филхармонија која започна со концертот насловен „Класика. Рестарт“.

На свеченото отворање, што се одржа синоќа во Големата сала на Македонската филхармонија и покрај силниот дожд и необично студеното време и за овој период, присуствуваа голем број љубители на класичната музика, меѓу кои и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, со сопругата.

Вечерта и сезоната се отвори со изведбата на композицијата „Македонска парафраза“ бр. 2, на македонската композиторка Бете Илин (Елизабета Илиевска) која донесе силни емоции кај публиката. Создадена во современ музички јазик, „Македонска парафраза“ бр. 2 маестрално ги преточува сложените ритмички структури својствени за македонскиот фолклор, надградувајќи ги со инспирацијата од традиционалните македонски народни песни. Делото претставува фасцинантен спој меѓу фолклорната длабочина и современата изразност, поставувајќи се како едно од најзначајните остварувања во поновата македонска музичка литература.

Следуваше делото на Едгар Елгар од 1919 година, Концерт за виолончело и оркестар во Е-мол, оп. 85, кој по својот израз  исклучително личен, а напишан веднаш по Првата светска војна како елегичен одговор на разурнатиот свет. Заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, ова интимно дело со многу емоција го донесе колумбискиот виолончелист Сантијаго Канон- Валенсија, кој доби силни аплаузи, а од публиката двапати беше вратен на бис.

Концертот се заокружи со Антонин Дворжак и неговата Симфонија бр. 8, оп. 88. која чешкиот композитор ја создал во 1889 година, а лично ја диригирал премиерата на Осмата симфонија во април 1890 како дел од неговиот прием во Чешката академија на науките, литературата и уметностите на императорот Франц Јосиф.

Со мелодијата, ритамот, динамиката и силната изведба, делото на Дворжак ја воодушеви публиката и предизвика долги стоечки овации  за оркестарот на Македонската филхармонија и шеф диригентот, маестро Јерухам Шаровски, што претставува одличен почеток за новата 2025/2026 сезона насловена „#БезФилтер“. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ