Сточарите најавуваат грчко сценарио ако не им бидат исплатени субвенциите до петок

245

Сточарите најавуваат грчко сценарио, протести и блокирање на сите главни сообраќајници низ државата ако до петок не им бидат исплатени субвенциите. Сточарите предупредуваат дека овчарството е во завршна фаза на колапс и дека државата им должи неверојатни 1,5 милијарди денари само за субвенциите за 2024 година. Претставници на Сојузот на одгледувачи на овци и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСОМ) вчера протестираа пред Владата, предупредувајќи дека македонското сточарство се соочува со колапс поради неисплатените субвенции. Сточарите од целата држава го испратија последниот аларм до премиерот, нагласувајќи дека трпението им е целосно исцрпено.

– Државата нè заборави, иако Македонија историски била силна сточарска земја. Една година чекаме субвенции, а за некои гранки две години нема редовна исплата. Баравме средби и со премиерот и со претседателката, но одговор нема. Немаме работници, нема кој да чува стока. Ако не добиеме пари, на 26 декември сите сточари ќе излезат со тракторите во целата држава – изјави Насер Џемаили.

Сточарите посочуваат дека биле манипулирани со повеќе ветени рокови, кои не биле почитувани.

– Ни беше кажано дека ќе бидат исплатени средствата до 20 декември, но повторно ништо. Чекавме да поминат летото и изборите, ни велеа дека се потпишани решенијата и пратени до трезорот, а пари нема. Ова не е првпат да ни ветат и да не одржат збор, а ние функционираме со огромни тешкотии – изјави сточарката од Кумановско, Милена Величковиќ.

Од Здружението „Современ сточар“ предупредија дека сточниот фонд е веќе сериозно нарушен и дека ова би можела да биде последната генерација сточари во земјата.

– Влеговме во 2025 година, а сè уште ги чекаме парите за 2024. Ако до петок не се исплатат субвенциите, ќе следуваат протести како во Грција и блокади на повеќе локации – порача Марјан Стојановски.

Сточарите потенцираат дека нивната цел не е конфликт, туку остварување на законските права и обезбедување егзистенцијален минимум за своите семејства, предупредувајќи дека без итна реакција од институциите, последиците за домашното производство ќе бидат трајни.

ИЗДВОЕНИ