– Заклучно со јуни, на локалитетот Стоби се регистрирани вкупно 9.703 посетители, од кои 5.464 домашни и 4.293 странци. Странските туристи се претежно од европските земји, но и од САД и од Кина. Прошетката со нашите водичи ги опфаќа сите презентирани градби, но, секако, најголем интерес предизвикуваат мозаиците – вели Силвана Блажевска, директор на НУ „Стоби“
– Археолошкиот локалитет Стоби го посетуваат туристи, главно, во периодот од април до ноември, а најголем интензитет е забележан во мај и во јуни. Заклучно со јуни, регистрирани се вкупно 9.703 посетители, од кои 5.464 домашни и 4.293 странски. Странските туристи се претежно од европските земји, но и од САД и од Кина. Прошетката со нашите водичи ги опфаќа сите презентирани градби, но, секако, најголем интерес предизвикуваат мозаиците. За жал, сè уште нема музејска поставка каде што може да се види движното културно наследство откриено на Стоби – вели за весникот ВЕЧЕР Силвана Блажевска, директор на НУ „Стоби“.
На прашањето на весникот ВЕЧЕР до каде се активностите за конзервација на Градбата со арки и Римскиот театар, кои први требаа да бидат завршени според годишната програмата за работа, таа посочува дека планираните активности поврзани со конзервација на Градбата со арки се завршени, односно завршена е конзервацијата на источниот ѕид.
– Во текот на април и на мај беше вршено археолошко доистражување на просторот покрај северниот ѕид, кое ќе продолжи наесен. Ова е единствениот дел од внатрешноста на градбата што не беше доистражен од колегите од Археолошкиот музеј и се надеваме дека овие ископувања ќе дадат интересни и значајни податоци за раскошната ѕидната декорација, можеби уште делови од скулптури, но поважно за нас – податоци за поточно датирање на пожарот што предизвикал уништување на објектот. До јуни завршија и конзерваторските работи на оригинално зачуваните мермерни седишта на западната половина на Театарот. Изложеноста на атмосферски влијанија од откривањето на Театарот во 1920-тите години на минатиот век до денес, неговата повремена употреба за културни настани, како и загадувањето од автопатот, предизвикале оштетување, потемнување на површината на мермерот и откршени парчиња, кои сега се санирани. Во еден дел, седиштата беа пропаднати поради оштетување на радијалните ѕидови и на сводовите под нив, поради што Театарот не беше безбеден за одржување настани. Пропаднатите седишта се отстранети и во моментот се вршат ископувања, по кои, наесен ќе бидат преземени конзерваторско-реставраторски работи со цел структурно зајакнување на ѕидовите и на сводовите, за да може да се вратат седиштата на оригиналната позиција – вели Блажевска.
Малкумина знаат дека постои и вториот влез во Стоби, па ја прашавме директорката кога е откриен и дали и тој ќе биде презентиран пред јавноста, па и ставен во функција.
– Јужната порта првпат е откриена во текот на капиталните истражувања во Стоби во 2010 година, заедно со југоисточниот сегмент на градскиот бедем, а целосно е истражена во 2021 г. Дотогаш единствен познат влез во градот беше Порта Хераклеја, од каде што, преку улицата наречена Виа Сакра, се доаѓа до Епископската базилика и до Полукружниот плоштад. Монументалната јужна порта изградена од големи мермерни блокови датира од раниот римски период и водела директно на долната тераса на градот, кон Храмот на Изида. Во текот на 5 век, портата била преправана и, конечно, затворена во 6 век. Во периодот од 2021 до 2025 година, беа изведувани конзерваторски зафати на југоисточниот бедем и на портата, но сè уште не е презентиран овој простор за јавноста, бидејќи се потребни дополнителни истражувања и конзерваторски зафати од внатрешната страна на портата, заедно со комплексот градби околу Храмот на Изида. Неопходно е добро осмислување на презентацијата, особено поради бројните градежни фази на бедемот, портата, улиците и објектите внатре, кои се пошироко датирани меѓу 2 и 6 век – објаснува Блажевска.
Секоја година во Стоби се одржуваат и разни работилници и школи, кои се посетени од студентите по археологија од државава и пошироко. Нивното значење е големо за афирмација на локалитетот, а беа одржани и годинава.
– Оваа година, поради големите жештини, меѓународната школа за археологија се одвиваше во јуни место во јули, а двете работилници, за конзервација и документација на римската и на доцноатничката керамика и за фотограметриска документација, се во завршна фаза. И археолошката школа и двете работилници го исполнија капацитетот, односно во двете програми учествуваа вкупно 40-мина студенти од САД, Канада, Велика Британија и од Бугарија. Оваа година имавме навистина одлична група студенти на археолошките ископувања, кои, како и секоја година од 2014 наваму, се изведуваат на просторот меѓу Теодосијанската палата и т.н. затвор. Овие меѓународни студентски програми се одвиваат во рамките на заедничката соработка со Фондацијата „Балканско наследство“ од Бугарија, која започна во 2010 година и се дел од редовните годишни активности на Националната установа „Стоби“. Значајни се за Стоби од повеќе аспекти: ги зголемуваат видливоста и препознатливоста на локалитетот во светски рамки, ја помагаат туристичката промоција, овозможуваат кофинансирање на други истражувачки проекти, конзерваторски или инфраструктурни зафати и сл. – додава Блажевска.
Инаку, странците што го посетуваат Стоби често по посетата сакаат да однесат во својата земја и дел од историјата на ова место, па така и копиите што се продаваат во продавницата во рамките на локалитетот, според директорката Блажевска, се барани.
– Во сувенирницата на влезот од локалитетот има избор од комерцијални копии, најмногу светилки, теракотни фигурини, глави од статуи изработени во гипс, копии од детали од фрески, но и бројни сувенири, медалјони, магнети, арт-дезени, разгледници, стикери, разни водичи и книги, едукативен водич за деца, магнетни сложувалки, шолји, букмаркери и слично.
Инаку, стариот град Стоби, „Stobis, vetere urbe…“ како што го нарекува римскиот историчар Ливиј, подигнат на вливот на Црна Река во Вардар, е најголемиот град во северниот дел на римската провинција Македонија, подоцна главен град на провинцијата Macedonia Secunda и значаен урбан, воен, административен, трговски и религиозен центар на две големи империи: Римската и Рановизантиската. Денес, остатоците на овој надалеку познат археолошки локалитет се еднакво лесно пристапни од меѓународниот автопат Е-75, што го прави Стоби мошне популарна туристичка дестинација во Македонија. (Д. Т.)