недела, февруари 15, 2026
Дома СВЕТ Што е епибатидин – токсинот  од отровна жаба што се поврзува со...

Што е епибатидин – токсинот  од отровна жаба што се поврзува со смртта на Навални

26
EPA/CLEMENS BILAN
Западот обвинува, Москва ги негира тврдењата дека Навални бил убиен со редок невротоксин

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил убиен со употреба на отров развиен од токсин од отровна жаба. Ова го соопшти британското Министерство за надворешни работи и го оквалификуваа тој чин како „варварски“, наведувајќи дека е употребен невротоксин класифициран како хемиско оружје. Според британското МНР „само властите на Владимир Путин можат да го спроведат тоа“, јави Скај њуз. Се уште не е јасно како отровот, познат како епибатидин, наводно бил применет врз Навални.

Обвинувањето за труењето на Навали од Велика Британија и нејзините сојузници Шведска, Франција, Холандија и Германија доаѓа две години по смртта на Навални во казнената колонија во Сибир. Навални, борец против корупцијата и најгласниот руски опозициски лидер, ненадејно почина во затвор на 16 февруари 2024 година на 47-годишна возраст. Министерството за надворешни работи објави дека Велика Британија ја известила Организацијата за забрана на хемиско оружје за наводното кршење на Конвенцијата за хемиско оружје од страна на Русија.

„Тврдењата за наводното труење на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални со отров од жаби се информативен спин од страна на Западот“, реагираше портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, по обвинувањето од петте европски земји.

„ Ќе има резултати од анализи, ќе има формули на супстанции, ќе има коментари – изјави Захарова за ТАСС, додавајќи дека, без такви податоци, сите изјави и шпекулации се обид да се одвлече вниманието од актуелните проблеми на Западот.

Русија веќе долго време е обвинета за користење егзотични отрови за елиминирање на своите противници – без разлика дали станува збор за нервниот агент Новичок или радиоактивни изотопи на плутониум.

Епибатидинот, токсинот од  жаба за кој Велика Британија вели дека е користен за убиство на Алексеј Навални, е околу 100 пати појак од морфиумот. Екстремно токсичната супстанца слична на никотин првпат е добиена од родот Epipedobates на отровни жаби кои потекнуваат од Јужна Америка – кои не се наоѓаат природно во Русија.

„Скај њуз“ дознава дека веројатно станува збор за токсин произведен во лабораторија, а не за супстанца добиена директно од жаби. Кај луѓето, ефектите се смртоносни. Епибатидинот е испитуван како лек против болки и за олеснување од болни воспалителни состојби на белите дробови, како што се астма и белодробна фиброза. Сепак, поради неговата токсичност, не се користи клинички.

Аластер Хеј, професор по еколошка токсикологија на Универзитетот во Лидс, рече дека епибатидинот делува на инхибирање на нервното дејство со блокирање на рецепторите во централниот и периферниот нервен систем.

„Ефектот од блокирањето на овие рецептори е мускулна парализа и парализа на респираторниот систем. Значи, дишењето е блокирано и секое лице што е отруено умира од задушување“, додава Хеј.

Ваквите отрови, според докторот Ерик Франсен, специјалист по клиничка токсикологија и фармакологија од Холандија, „се интересни за Русија бидејќи се доста тешки за откривање“.

„Не знаеме многу за овие токсини кај луѓето бидејќи, се разбира, со вакви отрови не може да се експериментира во реални услови, туку само на животни“, вели Франсен. Но, постојат извештаи дека луѓето можат да умрат по 10 до 20 минути внесување одредена количина од овие токсини. Ова може да се случи преку голтање или инјектирање во крвотокот. Претпоставувам дека потоа има директен ефект врз мускулите и срцето“, вели Франсен.

Минатиот септември, вдовицата на Навални, Јулија Навални, објави драматично откритие.

„Во февруари 2024 година, успеавме да добиеме примероци од биолошкиот материјал на Алексеј и безбедно да го прошверцуваме во странство. Лабораториите во најмалку две земји независно ги анализираа овие примероци, а обете лаборатории во две различни земји дојдоа до ист заклучок: Алексеј е убиен, или поточно, отруен,“ напиша тогаш Јулија навални на социјалните мрежи.

ИЗДВОЕНИ