Општина Центар за 1.000 денари ги зголеми стипендиите за талентираните ученици во областа на науката, техниката и посебните вештини, како и спортските стипендии.
Тоа, како што истакна градоначалникот Горан Герасимовски, е една од мерките за унапредување на образованието и поддршка на учениците во училиштата во локалната самоуправа.
– Донесовме одлука за зголемување на стипендиите за талентираните ученици во областа на науката, техниката и посебните вештини, како и за спортските стипендии, за 1.000 денари. Водејќи се од принципот на еднакви можности, стипендиите за учениците што доаѓаат од семејства во социјален ризик ги зголемуваме за 1.500 денари – наведе Герасимовски.
Во рамките на поддршката за учениците, повозрасните ученици ќе имаат можност за бесплатна екскурзија преку проектот „Сакај ја Македонија“. Од септември, со почетокот на новата учебна година, сите ученици што посетуваат целодневна настава ќе добиваат бесплатен, здрав и квалитетен оброк.
Од Општина Центар велат дека за оваа година се предвидени средства и за почеток на капитални инвестиции за изградба и реконструкција на два затворени базени во рамките на основните училишта „11 Октомври“ и „Димитар Миладинов“.
– Со овие мерки, Општина Центар испраќа јасна порака дека вложувањето во образованието, талентот и поддршката во секое дете останува еден од приоритетите – нагласуваат општинските власти.












