Стилистот на Зеленски ја откри тајната на новиот имиџ на украинскиот претседател

537

За разлика од претходната посета на Белата куќа, украинскиот претседател Володимир Зеленски овој пат доби комплименти од американскиот претседател Доналд Трамп за неговиот избор на гардероба.

Минатиот пат, пред да биде обвинет за блокирање на мировниот договор со Русија, Трамп го прекори што не се облекува поформално за состанок во Овалната соба, а Зеленски очигледно го послуша.

„Изгледаш одлично во тоа одело“, му рекол вчера Брајан Глен, коментатор кој работи за стриминг платформата на Трамп, Real America’s Voice, наведе CNN.

„И јас го кажав истото“, забележа Трамп, обраќајќи му се на Зеленски и додавајќи: „Не е ли тоа убаво? Тоа е оној што те нападна минатиот пат“.

Зеленски, облечен во црна воена јакна, црна кошула и црни панталони, се пошегува со новинарот: „Ти си во исто одело. Јас се пресоблеков, ти не“.

Сепак, модниот дизајнер Виктор Анисимов, кој е главен стилист на Зеленски, тврди дека новиот стил на украинскиот претседател не е само реакција на критиките што ги добил по состанокот во февруари.

Анисимов објасни дека работеле на новиот изглед на Зеленски од јануари, пред да се појават критиките за претходниот избор.

Иако Зеленски е познат по својот едноставен и воен стил, дизајнерот рече дека претседателот одлучил да продолжи да го развива својот имиџ преку поформална комбинација.

Костумот кој Зеленски го носеше на состанокот во Белата куќа првично беше дизајниран за Денот на независноста на Украина.

„Не размислувавме за политичката симболика на облеката, туку за тоа како претседателот би изгледал и би се чувствувал во тој костум“, рече Анисимов.

Според него, поформалниот стил бил планиран како дел од поширока стратегија што го вклучувала имиџот на Зеленски на светската политичка сцена, особено во светлината на неговите напори да ја заврши војната во Украина, без територијални отстапки и без да се откаже од членството во НАТО.

Иако модата стана централна тема на дискусија, Анисимов нагласи дека не е загрижен за политичкото внимание што го предизвика одлуката за облеката на Зеленски.

„Повеќе ме интересира кој ќе биде покрај нас како земја отколку што носеше Зеленски“, рече дизајнерот, нагласувајќи дека исходот од состанокот и иднината на Украина се многу поважни за него отколку изборот на костум.

Одлуката да се носи поформален стил беше дел од пошироката стратегија на Зеленски да ја прикаже Украина како решителна и сериозна нација на глобалната политичка сцена, рече тој.

ИЗДВОЕНИ