Работите ги изведува Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“, кое багерот  го доби од АД „Водостопанство“ со поддршка од Општина Велес, врз основа на потпишан меморандум со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во рамките на пошироката ревитализација, претпријатието најави и распишување јавен повик за хидробиолошки истражувања, со цел дупчење две дупки за свежа вода, со кои езерото ќе добива дополнителен доток и кислород, како привремена мерка за негово спасување

 

 Со расчистувањето на крајбрежјето од делот на Отовичка плажа,             почна големата акција за спас на езерото „Младост“. Ангажиран е багер со кој се отстрануваат наслагите од сува трска, скапани дрвја и земја кои со години се акумулирале по брегот.

Работите ги изведува Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“, кое багерот го доби од АД „Водостопанство“ со поддршка од Општина Велес, врз основа на потпишан меморандум со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во рамките на пошироката ревитализација, претпријатието најави и распишување јавен повик за хидробиолошки истражувања, со цел отворање две дупки за свежа вода, со кои езерото ќе добива дополнителен доток и кислород, како привремена мерка за негово спасување.

– Во тек е и проектирањето на темелниот испуст на браната, по што ќе се пристапи и кон неговата реконструкција –  информира директорот на ЈПВ „Лисиче“, Ванчо Маневски.

Проектите за ревитализација на езерото „Младост“ се реализираат со финансиска поддршка од Владата, која неодамна одвои 10 милиони денари. Од нив, еден милион е наменет за техничко чистење и транспорт на отпадот до градската депонија на ЈП „Дервен“. Пет милиони денари ќе се користат за дупчење, вклучувајќи ги хидролошките истраги, основниот проект, ревизијата и еколошкиот план. Другите четири милиони денари се предвидени за проектирање и за санација на темелниот испуст на браната.

Маневски потсети дека од изградбата на езерото во 1963 година, речиси и да не се презеле значајни активности за негово обновување, освен поставување на два дополнителни вентила на браната. Тој додава дека во моментов интензивно се работи на дупчењето и дека дел од крајбрежјето кај отовичка плажа веќе е расчистен за само два дена. Планирано е целиот потег да добие нов пристап со постелка од песок.

Иако не прецизираше точни рокови, Маневски очекува дека за еден месец ќе биде исчистена отовичката страна од езерото, по што активностите ќе продолжат на спротивната страна, кај плажите и кај мотелите. Тој додаде дека Рудничка и Отовичка Река, кои природно го снабдуваат езерото со вода, моментално имаат минимален проток, поради што дупчењето е неопходно за стабилизирање на водостојот.

Како трајно решение, Маневски го посочува довршувањето на цевководот што треба да го поврзе езерото „Лисиче“ со езерото „Младост“. Досега се изградени 2,1 километар цевковод во периодот 2012 – 2014 година, до Раштанскиот приклучок. Потребно е продолжување за уште 6,3 километри до „Младост“, со што би се обезбедил долготраен доток на свежа вода. За овој капитален зафат, ЈПВ „Лисиче“ и Општина Велес веќе водат интензивни разговори со Владата.

Проектот за цевководот е изработен во периодот 2008 – 2011 година, платена е експропријацијата и е утврдена трасата. Потребна е негова ревизија согласно со актуелната состојба на терен, по што би можело да се пристапи кон реализација, која, како што посочуваат од претпријатието, ќе обезбеди долгорочна иднина за езерото „Младост“.

 

ИЗДВОЕНИ