Ставре Јада, нашиот најискусен олимпиец беше првиот кој настапи на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина и тоа на спринт трката во крос-контри.
Во своето трето учество на големите зимски настани, Јада ја заврши спринт трката долга 1.6 километри и се пласираше на 89 место. Со време од 3:59.56 минути македонскиот натпреварувач заостана 52 секунди во однос на Клебо од Норвешка кој е фаворит за ново олимписко злато.
За оваа трка беа пријавени 95 натпреварувачи, еден беше дисквалификуван, а еден не ја помина целта. Јада за три дена одново ќе застане на олимписката патека и ќе се натпреварува во трката на 10 километри, на 13. февруари.
Претходно на 12-ти февруари од 13 часот, Ана Цветановска ќе излезе на трката на 10 километри во женска конкуренција во нордиско скијање.
Во алпските дисциплини, Виктор Петков ќе се појави во велеслаломот на 14 февруари (прва трка од 10 часот), а Јана Атанасовска ќе настапи во истата дисциплина на 15 февруари. Последниот македонски настап на ЗОИ 2026 ќе ѝ припадне на Атанасовска, која на 18 февруари ќе се појави и во слаломската трка.












