Денеска од страна на вработени во Секторот за пробација во Чашка,за прв пат беше поставена опремата за електронски надзор со што започна извршувањето на првата изречена пресуда куќен затвор.
Врз осуденото лице беше поставена алка на глуждот на ногата и тој нема да смее да го напушта своето живеалиште во времетраење од три месеци , а има право на престој на свеж воздух од најмногу два часа.
Во случај на непочитување на упатствата за користење на опремата за електронски надзор и ограничувањата дадени од судот, пробациските службеници ќе го известат судот, согласно одредбите од Законот за пробација.




Од Управата за извршување на санкции велат дека овој начин на извршување на казната е поекономичен за државата, а имајќи ја предвид возраста на сторителот воедно претставува и похуман начин на извршување на казната. Ги охрабруваат судиите да изрекуваат алтернативни мерки за извршување на казната. Во моментов Управата располага со 100 активни и уште 300 неактивни електронски алки за следење на осуденици. (П.А.)