Од денеска напладне е во функција радарот на Скопскиот аеродром. Прегорениот дел е заменет со нов. Но, наскоро целиот радарски систем, стар 27 години, ќе биде заменет со нов, кој е набавен многу одамна, од италијанска компанија и кој е донесен на Скопскиот аеродром пред некој месец.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, кажа дека стариот радар во изминатите години работел само на еден канал.

– Успеавме да го решиме проблемот во рекордно време од само три дена и уште повеќе, да детектираме една работа што не ѝ беше позната на јавноста, а тоа е дека и досега, седум години наназад, овој радар работел само со еден канал. Во овие три дена, со заедничка координација на повеќе ресори од Владата, но и благодарение на активната работа на раководството и на стручните лица во М-НАВ, како и во пријателска соработка со неколку странски држави, успеавме да најдеме решение и сега двата канала се во функција – рече Николоски, заблагодарувајќи им се притоа и на Контролата на летање од Бугарија и на италијанската Влада.

Тој најави дека на следната владина седница ќе биде донесена одлука да биде монтиран новиот радарски систем што е можно поскоро.

– Во трите дена додека се решаваше проблемот со радарот, сите безбедносни протоколи беа почитувани. Авионите од сите авиокомпании најнормално полетуваа и слетуваа на аеродромот во Скопје и ниту една авиокомпанија не ги откажа летовите – истакна Николоски.

Постојниот радар на Скопскиот аеродром е во функција речиси три децении и деловите за него не се произведуваат веќе седум години и чудо е како е успеано да се набави делот што мораше да се замени.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ