Некои навики во општеството бавно, но сепак се менуваат, и тоа на подобро. Една од нив е и навиката за посета на театрите, кои очигледно стануваат сѐ поинтересни за граѓаните. А претстави има за сечиј вкус и за сите генерации.
Според податоците од Државниот завод за статистика, вкупниот број прикажани претстави во професионалните театри во сезоната 2024/25 е зголемен за 20.9 %, а исто така и бројот на посетителите е поголем за 20.5 % во однос на периодот 2023/2024 година.

Но, за жал, ова се однесува само за повозрасните посетители, како и за претстави за оваа целна група (над 18), независно дали се работи за професионални или аматерски театри. Што се однесува, пак, на детските театри и на нивните посетители, по сè изгледа дека додека мама и тато уживаат во театар, децата „си прават дома“ дома.
Така, во периодот 2024/2025 година, бројот на прикажаните претстави во професионалните театри за деца и млади е намален за 24.9 %, исто така е намален и бројот на посетителите за 30.9 % во однос на периодот 2023/2024 година, стои во извештајот на ДЗС.

„Би сакала детето да го носам почесто на театар, но обемниот материјал за учење и бројните активности надвор од училиштето најчесто не оставаат време и за посета на претстави, а претстави навистина има и тие секогаш се интересни“, вели една од мајките која, сепак, најде време да го однесе своето дете на претстава во Театар за деца и младинци.

Доколку се знае дека посетата на театри ја зголемува креативноста на децата, тогаш е јасно колку е важно оваа навика да се создаде од мали нозе.
„Иднината им припаѓа на децата, а нам, должноста кон нив сега, овде и секојдневно е да им овозможиме театар“, кажа претседателката на Македонскиот национален центар АСИТЕЖ, Јулијана Мирчевска, во пораката по повод Светскиот ден на детските театри, 20 Март. Како што истакнува Мирчевска, гледањето претстави или впуштањето во процесот на создавање театарска претстава ќе им помогне на децата не само да го осознаат светот туку да се осознаат и себеси.

Во секој случај, театрите успеваат да ги привлечат посетителите со својата програма, а за возрасните тоа е добар начин да се избега од секојдневните проблеми и стресови на работа.

Само како пример, во периодот 24/25 бројот на посетители на претставите на професионалните театри изнесувал близу 199 илјади посетители. Во театрите за деца и младинци имало 16 534 посетители, а што се однесува до аматерските театри, на нивните претстави имало 16 846 лица.

Лани биле одиграни вкупно 238 претстави во професионалните, театрите за деца и младинци, како и во аматерските театри. Од нив, 187 во професионалните театри на 1 105 претстави. Во театрите за деца и младинци биле изведени 27 претстави, а биле прикажани 163 пати. Во аматерските театри, пак, се прикажале 24 дела, а биле изведени преку 123 театарски претстави.
– Наместо да седам дома и постојано да слушам вести од кои 90 проценти се „црна хроника“, многу ми е поубаво да одгледам претстава, нормално колку што ми овозможуваат финансиите“, вели нашиот соговорник кој го затекнавме пред Драмскиот театар.

А и самиот директор на овој театар, Роберт Вељановски, во едно интервју за весникот ВЕЧЕР посочи – „Во театарот, вие сте сведоци на нешто ексклузивно, нешто што никогаш нема да се повтори. Доаѓајќи в театар, ќе си дадете оддишка од секојдневните проблеми на современото живеење. Некогаш ќе се препознаете, некогаш ќе ги препознаете своите блиски, своите пријатели или познајници. Можеби ќе ве насмееме, можеби ќе ве расплачеме. И можеби некои работи ќе ви станат појасни, поблиски или позначајни. Во секој случај, ќе станете духовно побогат човек“.
Иако цената на билетот честопати е пречка да се посети некоја претстава, сепак, театарската магија успева да најде пат до публиката. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ