Со проекции на годинашниот кански победник – „Тоа беше само несреќа“ на режисерот Џафар Панахи и на биографскиот документарец „Човек лавина“ за Драгољуб Ѓуричиќ, првиот тапанар на „Леб и сол“, а во режија на Слободанка Радун, вчеравечер во Младинскиот културен центар стартуваше 24. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“.

Остварувањето на дисидентот Панахи, француски кандидат за наградата „Оскар“ во 2026 година, во категоријата за најдобар интернационален филм, е снимен тајно и ги одразува искуствата на иранскиот режисер со државната репресијa. Во филмот, мала несреќа предизвикува верижна реакција на постојано растечки проблеми и прашања за прогонството и одмаздата.

Пред скопската публика беше прикажан и филмот портрет „Човек лавина“ за тапанарот Ѓуричиќ, кој им дал дел од својот живот токму на македонската музика и на македонскиот народ.

– Скопје е важен град во животот на Драгољуб Ѓуричиќ и затоа ѝ се радувам на македонската, скопската публика. Со филмот сакав да ја прикажам комплексната слика за Драгољуб Ѓуричиќ, музичар со необична кариера, од една страна, и човек со свој систем на вредности, карактер и енергија. Се трудев да избегнам негова митологизација и да го насочам филмот кон емоции, а не кон патетика. На таа линија беа и сите соговорници со кои има соработувано Драгољуб, како Здравко Чолиќ, Влатко Стефановски, Рамбо Амадеус, Дејан Цукиќ, Лав Братуша, Никола Чутурило и многу други – изјави претходно режисерката на филмот „Човек лавина“, Слободанка Радун.

„Синедејс“, пак, вечерва почнува со прикажување на филмовите од официјалната натпреварувачка програма. Во двете селекции, официјална конкуренција и СЕЕ (SEE), се натпреваруваат европски филмови и копродукции што ги претставуваат флуидноста и непосредноста на можната соработка меѓу филмските работници.

„ЕРА“

Филмот „ЕРА“ во режија на Парта Келменди е првата македонска копродукција што ќе се прикаже на годинашниот „Синедејс“, а селектирана е во СЕЕ-програмата (4 декември, 20 часот, кино „Фросина).

– За мене, копродукцијата на филмот ЕРА беше истовремено големо задоволство и значаен предизвик, бидејќи филмот навлегува во чувствителен историски период, кој бара искрено, прецизно и автентично раскажување. Рекреирањето на деведесеттите во денешна Приштина беше комплексна задача, но под водство на режисерката и сценаристка Парта Келменди и со посветената работа на македонскиот тим – сценографот Кирил Спасовски, директорот на фотографија Наум Доксевски, монтажерот Михаил Димитров и целата друга креативна и техничка екипа од Македонија и од Косово – успеавме да создадеме филм со кој искрено се гордееме. Извонредните актерски интерпретации на Зана Бериша, Армен Смаили, Албан Укај, Мајлинда Косумовиќ и на многу други ги носат тежината и значењето на приказната, со длабока свесност за нејзината културна важност. Соработката меѓу Косово и С Македонија во филмската уметност секогаш доаѓа природно и лесно, благодарение на блиското разбирање на нашите култури. Верувам дека ЕРА е уште еден силен пример за тоа колку успешни и вредни дела произлегуваат од ова партнерство – вели Марија Димитрова, која е македонски копродуцент во оваа косовско-македонска продукција.

Инаку, во рамките на програмата на 24. „Синедејс“, како што е познато, гостува и Фестивалот на креативен документарен филм со т.н. зимски „Македокс“.

Притоа, од 5 до 7 декември ќе биде прикажан избор на долгометражни победници од 16. „Македокс“. На 5 декември во 19:00 часот, во денсинг салата во МКЦ, публиката ќе може да го види филмот „Ниедна друга земја“ на Басел Адра, Хамдан Балал, Јувал Абрахам, Рејчел Зар, за кој влезот ќе биде слободен. Филмот, направен од здружен палестинско-израелски колектив од четворица млади активисти, е снимен во најмрачните и најзастрашувачки времиња во регионот и претставува чин на креативен отпор кон апартхејдот и потрага по патот кон еднаквост и правда. На 6 декември во 21:00 часот, во денсинг салата, проекција ќе има „Фиуме или смрт!“ на Игор Бежиновиќ, кој ја прикажува 1919 г., кога трупа од триста војници под водство на ексцентричниот обожавател на војни, италијанскиот поет Габриеле Данунцио, се провлекува во севернојадранскиот пристаништен град Фиуме, денешна Риека, со намера да го анектира кон Италија. Ден подоцна (7 декември), пак, во Кинотеката ќе биде прикажан „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ, документарец за мнозинството следбеници на дервишкиот ред бекташи во Канатларци, калливо и тутунарско село во Македонија. Со овој филм завршува зимскиот „Македокс“ на „Синедејс“.

„Бело се пере на деведесет“

Во рамките на програмата на „Синедејс“, пак, на 8 декември од 20:00 часот, во киното „Фросина“ ќе биде прикажан долгометражниот игран филм „Бело се пере на деведесет“ во режија на Марко Набершник, базиран на истоимениот автобиографски роман на словенечката писателка Броња Жакељ. Остварувањето, кое е копродукција помеѓу Словенија, Италија, Хрватска, Србија, Македонија и Црна Гора, ќе ја доживее својата македонска премиера во рамките на годинашното издание на „Синедејс“. Филмот го следи животот на младата Броња, која расте во 80-тите, но кој се менува кога умира нејзината мајка од рак. По детството обележано со оваа загуба, нејзиниот живот повторно е прекинат од трагични настани, кои таа ги надминува со оптимизам. По проекцијата, пред публиката ќе се претстават актерките Леа Цок и Аница Добра, главниот продуцент Алеш Павлин од Словенија и дел од македонската екипа што работеше на реализацијата на овој филм. Македонски копродуцент е продукцијата „Црна мачка“.

Осум селекции, повеќе од 60 филма, режисерот Дејвид Линч и работилницата „Маркетинг на филм“ ќе го означат годинашниот „Синедејс“, кој ќе се одржи под слоганот „Се гледаме од другата страна“, до 10 декември, во Младинскиот културен центар и во Кинотеката на Македонија.

ИЗДВОЕНИ