Македонската кошаркарска репрезентација денеска, со мечот против Романија (20:00 часот), во Куманово, ги стартува претквалификациите за пласман на Светското првенство во 2027 година, кое ќе се одржи во Катар.

Нашата селекција влегува на овој натпревар како фаворит и сè, освен победа, би било еднакво на изненадување.

Селекторот Марјан Илиевски реши да го подмлади составот за натпреварите против Романија и Унгарија, пред сè поради отсуството на најдобрите наши играчи, Ненад Димитријевиќ и Ти-Џеј Шортс. Поради тоа, еден од поискусните, Адем Мекиќ, е свесен за предизвиците што следуваат и верува дека со помош на публиката ќе дојдат до почетна победа во претквалификациите.

  • Во секој случај, задоволни сме како работиме, како минаа изминатите денови, имаме одлична тимска хемија. Со големо нетрпение, со голема радост ги очекуваме овие натпревари. Знаеме дека Куманово е кошаркарски град. Сигурни сме дека публиката ќе нè поддржи во голем број и се надеваме на позитивен резултат – истакна искусниот репрезентативец.

Мекиќ, исто така, зборуваше и за она што е зад тимот, периодот на подготовки и оние две контролни средби со Швајцарија, одиграни во Гевгелија.

  • За нас, два особено битни натпревара, затоа што, како што добро знаеме сите, ние сме една подмладена репрезентација, со многу нови, млади лица. Спој на младост и, за жал, нешто помалку искуство. Но, на наша радост, огромна енергија и желба за натпреварување и победа. Одигравме два солидни натпревара со Швајцарија. За наша среќа, бевме успешни на двата натпревара. Видовме кои ни се позитивните, а кои негативните страни и на она што треба повеќе да обрнеме внимание – посочи Мекиќ.

По Романија, една недела подоцна Македонија ѝ гостува на Унгарија, а потоа ѝ следува гостувањето во Орадеа (Романија), за на крај да ги заврши августовските претквалификации со домашен дуел против Унгарците.

ИЗДВОЕНИ