Најава дека на претстојната собраниска седница ќе се усвојат предложените промени во Законот за прекршоци со што системот „Сејф сити“ ќе стартува од почетокот на следниот месец денеска даде премиерот Христијан Мицкоски. Но, истовремено, од опозициската коалиција НАИ предводена од ДУИ ги наведоа какви се конкретни забелешки имаат околу предложените промени. Оттаму бараат за нив да се најде соодветно решение и договор со цел начелната поддршка што ја имаат кон овој проект да се преточи и во нивните гласови со кои ќе се обезбеди потребното двотретинско мнозинство во македонскиот парламент. Наредните денови ќе покажат дали е постигнат договор кој во собраниската сала би стасал најверојатно в петок.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Кратово рече дека на лидерската средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети било договорено да ги поддржат измените. Тогаш не биле спомнати никакви условувања
-На лидерската средба беше безусловно договорено дека ќе се поддржат измените во Законот за прекршоци. Спомна дека постоеле некои амандамни кои што потоа во разговорот со министерот за внатрешни работи се констатираше дека не постоеле такви амандмани. Но, и покрај тоа се договоривме, на ниво на координатори да има состанок и сите тие нејаснотии да бидат објаснети. Таков состанок колку што сум информиран се случил. Министерот за внатрешни работи, бидејќи е отсутен, беше вклучен преку телефонски повик. Беа разјаснети сите нејаснотии и очекувам Законот за прекршоци веќе на следна собраниска седница да помине. Тој поминува со двотретинско мнозинство и ќе стартува од 1 февруари. Очекуваме на почеток да има нивелериање на проектот, а ние сме задоволни од досегашниот пробен период – нагласи премиерот Мицкоски.
Но, по вчерашната средба на координаторите на пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди, НАИ и Левица, по првичното согласување да се изгласаат промените, се случи барањето на коалицијата предводена од ДУИ да се разјаснат повеќе работи.
Сали Мурат, пратеник на партијата Движење на Турците во Македонија за правда и демократија, која е дел од коалицијата НАИ предводена од ДУИ, ни објасни кои се главните забелешки во однос на измените во Законот за прекршоци, а кои во наредните денови ќе треба да бидат „испеглани”.
-Има неколку работи кои се проблематични и кои беа наведени во амандманите кои ги напишав, но кои потоа не беа усвоени од мнозинството на власта. Ова се важни промени кои се однесуваат на многу нешта – и на основните уставни права на граѓаните, и сметам дека не требаше да одат по скратена постапка, туку во редовна постапка, за да има можност за повеќе забелешки. Но, основното е тоа што за овие решенија што се предложени мораше најпрвин да се изјаснат надлежните институции од оваа област, а дури потоа да се усвојуваат – изјави пратеникот Мурат за весникот ВЕЧЕР.
Тој објаснува на што се однесуваат забелешките кои сега се проблематични и од кои зависи конечната поддршка, која начелно се дава за донесување на ваквите законски промени.
-Ние начелно ги поддржуваме промените и стартот на системот кој треба да донесе поголема безбедност во сообраќајот. Значајно е да се сочува макар и еден човечки живот, но значајно е и тоа да се почитуваат уставните права на граѓаните. А од граѓаните добиваме токму такви барања. Така, на пример, граѓаните ни реагираат зошто во електронските известувања не се користи албанскиот јазик, кој е исто така службен јазик. Треба да се анализира можноста известувањето да биде и на други јазици – на турски и други јазици, што е согласно со правото на информирање на граѓаните. Може да се каже дека тоа е работа на софтверот, но тоа е сепак дел од правата на граѓаните. Граѓаните реагираат и на тоа зошто системот ќе се применува само во три града – Скопје, Тетово и Куманово, а не и во другите. Со тоа, прекршителите во овие градови ќе бидат предмет на санкции, а оние во други градови нема да бидат. И тука има место за уставна нерамноправност на граѓаните – објаснува Мурат.
Според него, проблемот е и со строгите санкции кои се предвидени со законските решенија.
-Предвидени се големи и строги санкции за прекршителите. За граѓаните е спорно тоа ако во Уставот се гарантира неповредливост на приватната сопственост, зошто се предвидува строга санкција со одземање на возилото. Па така ќе се доаѓа во ситуација да биде запленувано некое возило од 200.000 евра за прекорачување на брзината и уште некои други прекршоци. Значи, многу остра санкција за не толку преголем прекршок. Високи се и предвидените парични казни, а што е проблематично со оглед на ниското животно ниво на нашето население. Во хрватскиот закон, на пример, имате поголема толеранција за вакви прекршоци и повеќе видови алтернативни казни. Од друга страна, треба да се уреди и контролата на снимките кои ќе се прават со овој безбедоносен систем за да се сочува приватноста на граѓаните. Како што е сега предложено, не е уредено кој ќе ги контролира. Не смееме да раизикуваме да има нечии снимки кои ќе се злоупотребуваат. Очекуваме во наредните денови да се разјаснат овие работи – ни рече пратеникот Мурат. (Б. Ѓ.)
Жестокиот тон на Адеми, за Костадиновски е ниска политичка култура
Генералниот секретар на ДУИ Арбр Адеми во телевизиско интервју најави дека Ахмети со Мицкоски ќе ги отвори клучните барања од конгресот на ДУИ избор на Влада со Бадентер, но и дека ќе бараат Бадентер во одлуките на Уставен суд за закони со двојно мнозинство.
-Овие два предлога се за доброто на сите граѓани и за јакнење на унитарноста на државата. Апсолутно произлегуваат од Уставот – рече Адеми.
Тој остро го критикуваше и ставот на претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски дека ако во судот влезе Бадентер, на Уставен треба да се стави клуч.
-Дарко Костадиновски е партиски војник, откога е претседател на Уставен суд ги отвора сите сензитивни етнички теми. Луѓе како него со неговите ставови ја предизвикаа 2001 – потенцира Адеми.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во изјавата за весникот ВЕЧЕР вчера не сакаше пошироко да одговара на ваквите квалификации.
-Не би сакал да го коментирам такви квалификации кои се одраз на исклучително ниска политичка култура – ни изјави Костадиновски додавајќи дека останува на своите ставови дека „воведувањето на бадентеровото правило во работата ќе значи клуч за работата на Уставниот суд“.
Инаку, во однос на најавената средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети премиерот Мицкоски рече дека датумот се уште не е определен.
-Јас во мојата редовно политичко функционирање се среќавам со лидери на политички партии така што во рамките на тие средби претпоставувам ќе се сретнеме и со господинот Ахмети. Немаме определен датум за средбата – рече Мицкоски.












