Старото училиште во гевгелиското село Серменин ќе се реконструира и ќе се формира Мултифункционален туристички едукативен центар, како и велосипедска патека преку проектот „Алтернативни балкански маршрути за мобилност за одржлив туризам во текот на сите сезони Балканвело“

 

На само 20 километри од Гевгелија, на надморска височина од 540 метри, се наоѓа гевгелиското населено место Серменин или попознато како ,,воздушна бања“. Тука, во минатото, доаѓале оние што имале проблем со астма, за да им се олесни дишењето. Во просториите на старото училиште, во октомври 1944 година, се одржал курс за наставници од кои произлегле првите учители во Гевгелиско-валандовско-дојранскиот Регион, кои одржувале настава на македонски јазик.

До селото се стигнува по добар асфалтен пат. Во моментот, во Серменин се изведбени работи за реконструкција на зградата на старото училиште, како дел од проектот „Алтернативни балкански маршрути за мобилност за одржлив туризам во текот на сите сезони – Балканвело). Овој проект се спроведува во партнерство помеѓу неколку општини – Разлог која е водечки партнер, Гевгелија, Богданци, Агенцијата за економски развој, Банско, здружението Дестинација – Разлог, Фондацијата за локален развој и развој на информатички технологии од Гевгелија, Здружението со нестопанска цел „Ски клуб Разлог“, потоа Хај Стандарт ЕООД, и Френдс Травел 2018 ЕООД.

Овој проект опфаќа две компоненти. Според првата, ќе се реконструира старото школо во Серменин за да прерасне во Мултифункционален туристички едукативен центар. Објектот е приземна зграда лоцирана во центарот на селото Серменин во која ќе има туристичка информативна точка, просторија за визуализација и изложбени области дигитално претставувајќи важни места и традиции на прекуграничниот регион. По реконструкцијата ќе има и две повеќенаменски простории што ќе се користат за одржување семинари, работилници, презентации, состаноци, занаетчиски обуки, помошни простории и административна канцеларија.

Мултифункционалниот туристички едукативен центар има за цел да го претстави целокупното природно и културно наследство, традициите на партнерските општини.

– Втората компонента од инвестицијата се однесува на изградба на велосипедска патека во Серменин во должина од 1003 метри, од старото училиште во Серменин до манастирот „Св. Илија“, исто така во селото – информираа за весникот ВЕЧЕР од Одделението за локален економски развој во општина Гевгелија.

Проектот „Балканвело“ треба да придонесе кон развој на одржлив, иновативен и интегриран туристички производ во прекуграничниот регион помеѓу Македонија и Бугарија. Проектот се фокусира на подобрување на туристичката инфраструктура, развој на велосипедски и пешачки патеки, дигитализација на туристичката понуда и зајакнување на соработката помеѓу јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор.

Во рамки на проектот се предвидени активности за изработка на регионална и прекугранична стратегија за развој на туризмот, воспоставување мултисекторска мрежа и советодавен одбор, како и промоција на природното и културното наследство на регионот.

Со реализацијата на проектот, се очекува да се подобри туристичката атрактивност на регионот, да се зголеми бројот на посетители и да се создадат нови можности за локален економски развој преку одржлив туризам и прекугранична соработка.

Вкупниот буџет на проектот изнесува преку 950 илјади евра, од кои над 308 илјади се наменети за Општина Гевгелија, а учеството од македонска страна изнесува 46.315 евра. Проектот започна да се реализира од 20 овој месец и треба да заврши до 19 март 2027 година.

(Љ. А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ