Старото друштво пак се збрало и песни испеало – 30 години кариера на фолк-ѕвездата Благојче Стојановски-Туше

45

Славенички концерт на нашиот македонско-австралиски цар!                                    Маестро Туше даде сè од себе да ги испее во живо сите свои хитови, на огромно задоволство на повеќе од 600. присутни гости – и познати и непознати. На моменти се имаше чувство дека неговиот распеан глас се слуша дури до Сиднеј, до Австралија, кај нашите во дијаспората. Таму многу го сакаат. Нема македонско иселеничко семејство што не му ги знае песните

Вели, да не биде потоа дека не биле поканети новинарите, а и ние од Редакцијата на весникот ВЕЧЕР. Тамам работа! Сè си беше како што треба, професионално и незаборавно. А, тој што вели, е славеникот – популарниот македонски фолк-пејач Благојче Стојановски, со интересен прекар Туше. Интересен е, секако, и неговиот имиџ. Опавчето, стилизираната брадичка, модерните патики наместо класични обувки и облеката кои го прават да изгледа 20-ина години помладо. Распеаниот пејач, секогаш со позитивни вибрации, е омилен меѓу колегите и во медиумите.            Во Битола, гламурозно прослави 30 години од кариерата. И тоа на ексклузивно место – во Летната градина „Барон“, еден од ексклузивните битолски ресторани.

Градот под Пелистер денови пред тоа, беше во знакот на неговата веселба. Чаршијата на Широк сокак, каква што е битолската, љубопитна, но никогаш со лоша намера, гласно зборуваше за него. Со право и со причина. Најголемата битолска журка ова лето го оправда своето. Такви настани ретко се случуваат, а кога ќе се случат, останува долго да се паметат.  На Туше, кого нагалено го нарекуваат „цар наш македонско-австралиски“, често му велат: „Мајсторе, уште долги години вака да славиш“.

А, мајсторот, односно маестро Туше, даде сè од себе да ги испее во живо сите свои хитови, на огромно задоволство на повеќе од 600. присутни гости – и познати и непознати.                На моменти се имаше чувство дека неговиот распеан глас се слуша дури до Сиднеј, до Австралија, кај нашите во дијаспората. Таму многу го сакаат. Нема македонско иселеничко семејство што не му ги знае песните. А, тука, дома, кога ќе запее вака во живо, сè грми и светка. Пелистер се тресе од воодушевување. Кој не верува, требаше да го доживее тоа.

Воодушевен е и самиот тој, заедно со колегите од естрадата, ексклузивните гости, меѓу кои: Влатко Миладиноски, Василија Петрова, Гоце Петрески-Бананата, Влатко – Гајдата, групата „Маестрал“ и многу други. Доказ дека македонската фолк-естрада има пејачи, има песни, има хитови и има магнетна сила со која ја привлекува домашната публика. Без потценување на оние од поранешните Ју-простори што често пеат во Битола и имаат обожаватели, овие нашите, по примерот на Туше, рака на срце, може слободно да застанат рамо до рамо со нив. Во сè!

Така што старото распеано друштво пак се збрало со Туше, песни си испеало. Триесет години кариера се за почит.  За многу години, Туше мајсторе, со добрата македонска фолк-песна.   (Д. М.) фото: архива

ИЗДВОЕНИ