Просечната возраст за пензионирање во земјите-членки на ОЕЦД ќе се зголеми од 63,9 години за жени и 64,7 за мажи, возраст за пензионирање во 2024 година, на 65,9 години за жени и 66,4 за мажи кои почнале да работат во 2024 година, според извештајот „Пензиска панорама 2025“ објавен денес од ОЕЦД.
Организацијата, исто така, истакнува дека разликата во приходите меѓу мажите и жените е сè уште забележлива и висока. Во документот се наведува дека, според сегашното законодавство, стандардната возраст за пензионирање ќе се зголеми во повеќе од половина од земјите-членки, објавува АНСА.
Таа ќе се движи од 62 години во Колумбија (57 за жени), како и во Луксембург и Словенија, до 70 години или повеќе во Данска, Естонија, Италија, Холандија и Шведска.
ОЕЦД наведува дека жените во просек добиваат пензии кои се за една четвртина пониски од оние што ги добиваат мажите во земјите-членки.
Разликата е помала од 10 проценти во Естонија, Исланд, Словачка, Словенија и Чешка, додека надминува 35 проценти во Австрија, Мексико, Холандија и Обединетото Кралство, а достигнува дури 47 проценти во Јапонија.
Според ОЕЦД, просечниот јаз во пензии меѓу жените и мажите се намалил од 28 проценти во 2007 година на 23 проценти во 2024 година, со очекување дека овој тренд ќе продолжи.
Исто така, се предупредува дека населението во работоспособна возраст (од 20 до 64 години) би можело да се намали за повеќе од 30 проценти до средината на векот во Шпанија, Естонија, Грција, Јапонија и Словачка, и за повеќе од 35 проценти во Јужна Кореја, Италија, Латвија, Литванија и Полска, пренесува Танјуг.












