
Британскиот премиер Кир Стармер разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп за руско-украинските мировни преговори во Женева, кои започнаа со посредство на САД, како и за разговорите меѓу САД и Иран за иранската нуклеарна програма, беше објавено во Лондон.
Стармер, исто така, разговараше со Трамп за Газа и ја нагласи важноста од обезбедување континуиран пристап до хуманитарна помош за палестинското население, изјави портпарол на британскиот премиер, пренесува „Ројтерс“.
Украинските и руските преговарачи вчера започнаа нова рунда разговори за опциите за завршување на речиси четиригодишната војна, при што американскиот претседател Доналд Трамп постојано повикуваше Украина да преземе чекори за забрзување на постигнувањето мировно решение.
Вчера во Женева се одржа нова рунда американско-ирански преговори, а иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, изјави дека двете страни постигнале договор за „водечките принципи“, но не прецизираше на што се однесува тоа.











