– Се отпочнува со работа за довршување на стариот Струмички театар, а за оваа намена се издвоени средства во висина од 196.178.935 денари. Со реализација на проектот ќе се овозможи финализирање на објектот и негово ставање во функција, како значајна културна институција за градот и регионот, посочуваат од Заводот и од Музеј Струмица

 

По 11 години од камен-темелникот и седумгодишен застој, продолжуваат градежните активности на стариот театар во Струмица, кој своите врати за публиката би требало да ги отвори во 2027 година. Од Министерството за култура и од Владата посочуваат дека се обезбедени средства за негово довршување.

„Во 2024 година беше спроведена детална ревизија на проектот, беа анализирани сите дотогашни фази на изведба и е избран нов изведувач. Проектот треба да биде целосно завршен до крајот на 2027 година“, вели и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Инаку, стариот Струмички театар, кој изгоре во пожар во 2001 година се гради веќе 11 години, а оттогаш се менуваа неколку министри за култура, но театарот сè уште не е целосно довршен.

Досега е завршена само зградата однадвор, но останува да се уреди внатрешноста и да се опреми, за да може објектот конечно да се стави во функција и во него да се одржуваат претстави. Ова е од големо значење не само за актерите кои сега работат во рамките на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица туку и за љубителите на театарската уметност во градот и пошироко.

Министерот Љутков во повеќе наврати посочи дека Струмичкиот театар е еден од капиталните проекти кои се заглавени и на кој треба да продолжи да се работи за да биде конечно завршен.

„Мојата цел беше да се откочи продолжувањето на изградбата на стариот Струмички театар. Договорот таму е раскинат спогодбено и направивме ревидирање на основниот проект за да ги видиме сите пропусти што се направени. За оваа година имаме обезбедено средства за овој капитален објект кој е предвиден да биде завршен со двегодишно финансирање“, посочи, меѓу другото, Љутков во февруари годинава. Тогаш истакна и дека е направен увид на состојбата, посебно на потпорниот ѕид кој е проблематичен и на кој работеше Заводот за заштита на спомениците на култура и од Музеј Струмица.

Како надлежни за градежните работи оттаму посочија дека се отпочнува со работа за довршување на стариот Струмички театар, како и дека за оваа намена се издвоени средства во висина од 196.178.935 денари.

„Со проектот ќе се овозможи финализирање на објектот и негово ставање во функција како значајна културна институција за градот и за регионот“, посочуваат од Заводот и од Музеј Струмица.

Инаку, последната претстава во стариот театар била одиграна во 1982 година. Во 1986 година, кога беше отворен Домот на културата, денес Центар за култура, струмичките актери добија покрив над главата.

Актерите од Струмичкиот театар посочуваат дека за да може непречено да се одвива работата на театарот потребно е тој да има сопствена зграда.

„Со изградба на театарот ќе добиеме самостоен објект во кој ќе можеме непречено да работиме. Во моментов сме во Центарот за култура каде има и музички сектор и ликовно-галериски сектор, а салата ја користат и разни училишта кои прават претстави за ученици, па имаме проблем да ги ускладиме термините. Затоа и потешко функционираме и затоа сакаме конечно да добиеме објект во кој непречено ќе се одвива целата наша работа, вели Ванчо Василев, актер од Струмичкиот театар.

И Драган Маџиров, в. д. директор на НУЦК „Антон Панов“ Струмица, посочува дека во овој објект долго време функционира и Струмичкиот театар и дека сите се приспособуваат и функционираат.

„Следната година се навршуваат 40 години од работата на Центарот за култура ’Антон Панов’ и направен е проект за реконструкција кој помина на Влада, но прво треба театарот да биде завршен, па потоа ќе започнат и работите во Центарот за негово осовременување. Инаку, останува Струмичкиот театар внатрешно да се уреди и да се опреми со потребната техника и технологија со сценска и видеоопрема што треба да ја има еден театар“, додава Маџиров.

Инаку, Струмичкиот театар е симбол на културната меморија на градот Струмица и на целиот Југоисточен Регион. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ