Стари кујни и кревети, инвентар спакуван во големи картонски кутии, мебел од минатиот век, вака изгледаат становите во кои се засолнуваат жените жртви на семејно насилство, а кои, во голем дел, не се во функција, објави Државниот завод за ревизија во својот последен извештај на тема „Преземените мерки и активности од надлежните институции за обезбедување ефективни специјализирани услуги за поддршка и заштита на жените жртви на родово базирано насилство и на семејно насилство“. Иако бројот на жртви расте од година на година, сепак, државата не обезбедила доволно легла во засолништата, па така иако треба да има 184 легла во засолништа, сепак, се обезбедени само 67, од кои 48 се од центрите за социјални работи, а 19 од невладиниот сектор. Слична е состојбата и во советувалиштата, кои се од големо значење жртвата повторно да може да живее во околината без страв дека ќе биде нападната од насилникот. Ревизорот, согласно со Инстанбулската конвенција, вели дека се потребни 19, но дека се отворени 11. Она што загрижува е фактот што во Југоисточниот и во Североисточниот Регион од земјава нема ниту едно легло во засолништата на ЦСР, додека НВО обезбедува засолништа само во Скопскиот и во Југоисточниот Регион.
-Ревизијата укажува дека мерките и активностите на институциите не обезбедуваат соодветна и ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано насилство и на семејно насилство. Системот за заштита е сè уште недоволно развиен, а бројот на жртви и на сторители на кривични прекршочни дела во врска со семејното насилство покажува загрижувачки континуитет, без подобрување на состојбата. Во 2023 година, мажите десет пати повеќе биле сторители на кривични дела за разлика од жените, додека жените жртви биле четири пати повеќе од мажите. Оваа состојба укажува дека обврските од Истанбулската конвенција остануваат неисполнети – заклучуваат ревизорите.
Со последните измени во Кривичниот закон, се зголемија казните за насилниците, а фемицидот се третира како свирепо убиство. За убиство со умисла на жена или на девојче со извршена тортура или тешка телесна повреда предизвикана од омраза, судот може да досуди и доживотен затвор.
Сепак, сè уште недостига казнување на психичкото насилство, а и фактот што жртвата мора да го пријави ќотекот, што ги намалува заштитата и вистинското гонење на насилниците, бидејќи тие често вршат притисок.
– Утврдивме дека за периодот по 2023 година, не е донесена национална стратегија за спречување и заштита од насилство, ниту се усвоени сите подзаконски акти предвидени со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство – заклучуваат од ДЗР.
Според статистиката, бројот на случаи на семејно насилство расте. Така, од 2020 до 2023 година, биле евидентирани вкупно 6.282 нови жртви на семејно насилство. Според податоците на МВР, во периодот 2018-2023 година биле извршени 6.242 кривични дела поврзани со семејното насилство, од кои 61 % за телесна повреда, а 35 % за загрозување на сигурноста. Биле регистрирани 6.423 сторители, од кои 91 % мажи, и 6.663 жртви, од кои 79 % жени.
Податоците од Кривичниот суд за минатата година покажуваат дека една четвртина од предметите за семејно насилство лани завршиле без правен епилог, затоа што жртвите се откажале од судската постапка, а НВО забележува дека само два процента од жртвите пријавуваат насилство, и тоа по најсериозниот инцидент. (П.А.)