Од месната заедница „Галичник“ информираат дека на 19 октомври било завршено маркирањето и чистењето на старата патека од Галичник, преку Кофилковица, Краишта, Зла Страна, до еден од поатрактивните врвови во околината на Галичник и пошироко, Карбула. Оттаму додаваат дека по десетици движења низ патеката (дури и по дожд, магла и снег), огромен број расчистени камења, земја и дрва, поставени осум столба со 23 патокази, конечно може да се ужива во убавините што таа ги нуди

 

По повеќегодишно запоставување конечно е исчистена старата патека од Галичник до Карабула. Од месната заедница „Галичник“ информираат дека на 19 октомври било завршено маркирањето и чистењето на старата патека од Галичник, преку Кофилковица, Краишта, Зла Страна, до  Карбула, еден од поатрактивните врвови во околината на Галичник и пошироко.

– Велиме прелиминарно бидејќи патеката ќе треба да се подобрува и да се одржува и во иднина, но тоа би требало да биде неспоредливо помал напор отколку доведувањето на патеката во состојба за минимум непречено движење, по повеќегодишно запоставување поради речиси комплетното замирање на движењето по неа и недоволното промовирање кај планинарите – соопштија од месната заедница „Галичник“.

Според месната заедница, активностите се состоеле во: ГПС-запишување на старата патека, боење со стандардна Књафелцова маркација по должината на патеката, расчистување на обрастените секции и отстранување на паднатите дрвја, поправање на деловите од патеката подложни на ерозија или мала корекција на трасата онаму каде што санацијата не била можна, подобрување на состојбата на чешмите и изворите попатно, изработка и поставување столбови со патокази на местата каде што постојат поврзувања со други патеки.

– Целата реализација се одвиваше под надзор на Комисијата за планинарски патеки при Федерацијата за планинарство, која се погрижи да се почитуваат стандардите. Патеката ќе влезе во официјалниот регистар на планинарски патеки во Македонија, ќе биде дел и од македонската бесконечна трансверзала Самиана (преку патеката што доаѓа од Ростушки Мост до Зла Страна) и, што е најважно, дел од рекреативните понуди на Националните паркови „Маврово“ и „Галичник“, што ќе биде од голема корист за повеќе страни и настани – потенцираат од месната  заедница „Галичник“.

Оттаму додаваат дека по десетици движења низ патеката (дури и по дожд, магла и снег), огромен број расчистени камења, земја и дрва, поставени осум столба со 23 патокази, конечно може да се ужива во убавините што таа ги нуди.

Од месната заедница ги предупредуваат сите љубители на планинарењето дека оваа патека се третира како тешка и според теренот и според должината. Притоа, освен процена на психофизичката состојба за поминување на патеката, препорачуваат идните посетители задолжително да се пријавуваат во Националниот парк „Маврово“ и да изберат планинарски водичи со искуство на тој потег од планината „Бистра“.

ИЗДВОЕНИ