СТАПУВААТ ВО СИЛА ЗАОСТРЕНИТЕ САНКЦИИ ЗА СООБРАЌАЈНИ ПРЕКРШОЦИ: Ригорозни казни и за пешаците и за возачите – 40 евра казна за минување на пешачки со телефон на уво     

38

Со парична казна од 40 евра во денарска противвредност полицијата од утре ќе ги казнува пешаците кои невнимателно и со користење на електронски уреди ќе ги поминуваат пешачките премини на сообраќајниците и на велосипедските патеки и ленти. Ова е само една од новините предвидени со измените во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата изгласани неодамна во македонското Собрание, а кои стапуваат во сила осум дена по објавувањето во „Службен весник“. Во сила стапуваат и повеќе други измени чија цел е намалувањето на бројот на жртвите во сообраќајот и зголемувањето на безбедноста на сообраќајниците. Нивното донесување беше поттикнато од бројни тешки сообраќајни несреќи во кои страдаа пешаци, најчесто на сообраќајните премини. Промените опфаќаат и невнимателните возачи, но сега посебно со законските промени се сака да се зголеми и внимателноста на пешаците како учесници во сообраќајот.

Така, на пешаците најмногу се однесува новата одредба формулирана во членот 116-а, а која предвидува забрана за користење на електронските уреди кога се поминува преку сообраќајницата.

– Пешакот е должен кога се движи по коловоз под услови утврдени со овој закон или кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента, да се движи и да преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред со кој би му се намалило вниманието додека го преминува коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента. (2) Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог со глоба во износ од 40 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на пешакот кој постапува спротивно на одредбите од ставот (1) на овој член – предвидува новото законско решение.

Ваквата забрана е предвидена и за возачите на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли, лесни четирицикли и четирицикли.

– Нивните возачи за време на управувањето со возилото не смеат да користат електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред, со кој би му се намалила можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови – предвидува законот.

Доколку полицијата открие вакви возачи кои прават ваков прекршок ќе им издаде записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност

Истата санкција за ист прекршок е предвидена и за возачи на електрични тротинети, како и возачи на мобилни машини, мотокултиватори и трактори.

Сообраќајните експерти постојано укажуваат дека пешаците, како и возачите на тротинети, на мотоцикли… се едни од најнедисциплинираните категории на учесници во сообраќајот. Но, исто така, и возачите на моторни возила и мотоцикли се често невнимателни и несовесни при поминувањето на пешачките премини. Во изминативе неколку години имаше ужасни примери на сообраќајниците во Скопје, Велес, Тетово… и други градови во земјава во кои се случија тешки сообраќани незгоди со смртни последици по пешаците.

Од утре, посебно се дефинираат и ќе се санкционираат прекршоците врзани за возењето на возилата под дејство на алкохолот. Во сила и натаму останува одредбата со која ќе се смета дека е под дејство на алкохол лицето за кое со анализа на крвта или на крвта и урината или со друг метод за мерење на количеството на алкохол во организмот, ќе се утврди дека содржината на алкохолот во крвта изнесува повеќе од 0.50 г/кг. За оние возачи кои ќе ја надминат оваа граница е предвидена глоба во износ од 225 евра во денарска противвредност. Покрај ова, на таквиот возач ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од три до шест месеци.

Сега се предвидени и казни за оние возачи кои имаат значително повеќе алкохол во крвта. Така, ако возач има алкохол во крвта од 1,01 г/кг до 1,50 г/кг ќе се казни со глобата од 275 евра и со забрана за возење од 12 месеци.

Намалување на бројките на загинати се очекува откако во сила ќе стапи системот „Безбеден град“.

– Одредбите со кои се регулира документирањето на сообраќајни прекршоци со технички средства и уреди за снимање ќе се применуваат од 01.01.2026 година – соопшти МВР. (Б. Ѓ.)

 

За 23 години загинале 842 пешаци

Според податоците на МВР од 2001 до крајот на 2024 година во Македонија, загинале 842 пешаци. Лани, во 2024 загинале 24 пешаци, а најмногу смртни случаи на оваа категорија учесници во сообраќајот била регистрирана во 2008 кога загинале 52 пешаци.

Во 2015 загинале 49, додека најмалку смртни случаи меѓу пешаците имало во време на короната, 2020, имало 20 жртви, една година подоцна загинале 23 пешаци. Многу од незгодите се случиле на пешачките премини кога пешаците имале зелено светло за слободно поминување. Но, таква статистика никој не пресметува.

Официјалните податоци на МВР покажуваат дека секоја година, од 2010 наваму, на македонските патишта гинат помеѓу 116 и 198 луѓе. Најлоша статистичка година била 2013. Тогаш, во 170 сообраќајни несреќи со загинати лица животот го загубиле 198 луѓе.

 

 

ИЗДВОЕНИ