Во услови на забрзан пораст на домашната економија и забавување на инфлацијата, банкарскиот систем ја задржа стабилноста, солвентноста се подобри, а стапката на адекватност на капиталот достигна 19,6 отсто, што е највисокото ниво од 2006 година. Ликвидноста на банкарскиот систем се задржа на задоволително ниво, а ликвидните средства покриваат значителен дел од краткорочните обврски и од депозитите на домаќинствата. И квалитетот на кредитното портфолио се подобри во овој квартал, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2,4 отсто. Ова се дел од заклучоците од редовната седница на Советот на Народна банка, која го усвои Извештајот за ризиците за банкарскиот сектор за вториот квартал од 2025 година.
Во услови на олеснети кредитни стандарди и зголемена кредитна побарувачка, зајакнатата солвентност го поддржа побрзиот пораст на кредитирањето на домаќинствата и на претпријатијата, кој на квартална основа изнесува 3,1 отсто и 4,3 отсто, соодветно. И депозитите растеа побрзо во вториот квартал од годината, при што и натаму има поволни движења според валутата и рочноста на депозитите.
Народната банка и во иднина ќе биде внимателна во водењето на монетарната и макропрудентна политика, во време кога сè уште има изразена надворешна и домашна неизвесност. Се нагласува потребата од претпазливост и постојано следење на ризиците заради задржување на стабилноста на банкарскиот сектор и во наредниот период.
Советот на Народна банка ја усвои Рамката за одржливост со што се поставува основата за систематско воведување одржливи практики во секојдневното работење. Рамката за одржливост има за цел да придонесе кон поголема енергетска ефикасност, одговорно користење на ресурсите, поттикнување зелени финансии и намалување на јаглеродниот отпечаток, како и кон подигање на свеста и зајакнување на капацитетите на вработените во областа на одржливото работење. Со нејзиното усвојување, Народна банка ќе продолжи со активностите насочени кон унапредување на еколошките практики, финансиската писменост и одговорното дејствување, заради долгорочна економска стабилност и општествена благосостојба.






