Поврзувањето на Македонија со регионот преку гасните интерконектори и интерконекторите за електрична енергија е новата сила на македонската енергетика, вели министерката за енергетика и минерални суровини, Сања Божиновска.
– Македонија влегува во клучна фаза на трансформација на енергетскиот систем: земјата не само што вложува во стабилноста и модернизацијата на сопствената мрежа туку стана и активен играч во регионалното поврзување и енергетската интеграција. Со новите интерконектори, стратешките трансформаторски станици и инвестициите во паметната енергетска инфраструктура, државата го поставува курсот кон енергетска независност и улога на регионален енергетски коридор – вели Божиновска.
Во следните денови, официјално започнува изградбата на гасниот интерконектор со Грција, кој ќе ѝ обезбеди на Македонија сигурност на снабдувањето и можност за транзит кон трети земји.
– Интерконекторот е долг 68 километри, ќе пренесува не само природен гас туку и водород, остварена е заштеда од 12 милиони евра и ќе биде изграден од македонска компанија – директна корист за домашната економија. Минатата недела се потпиша меморандум за соработка меѓу НОМАГАС и „Србијагас“ за изградба на интерконектор меѓу Клечовце и Врање. Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација југ – север, односно од ТАП-гасоводот и ЛНГ-терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно. Ова е директна поддршка на енергетската диверзификација на целиот регион, со зголемена употреба на гас од различни извори – истакна Божиновска.
Изградбата на 400/110 KW врска Охрид – Елбасан, пак, ќе го заокружи електроенергетското поврзување на Македонија со сите соседни држави – стратешки проект за целиот регион.
– Ова е новата сила на македонската енергетика. Со регионалните интерконектори, Македонија веќе не е само краен потрошувач туку станува и активен учесник во преносот и стабилноста на енергетиката во Југоисточна Европа. Ова е пат кон сигурна енергија, економска отпорност и стратешка позиција на енергетската карта на Балканот. Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот – истакна Божиновска.
Таа потсети на плановите за когенеративни енергетски капацитети што произведуваат и струја и топлинска енергија и ќе ја зголемат стабилноста на националниот систем.
– Предвидено е овие централи да работат со флексибилно гориво, со можност за премин кон биогорива или водород во следната фаза од транзицијата. Преку овие инвестиции, Македонија ќе добие поконкурентен модел на производство, ќе ги намали загубите во системот и ќе овозможи подобар квалитет на живот за граѓаните, особено во урбаните средини со висок енергетски конзум – рече Божиновска.