Граѓаните во последно време сè почесто не може да ги скенираат фискалните сметки, што го отвора прашањето за судбината на мерката „Мој ДДВ“. И покрај објаснувањето од Управата за јавни приходи дека се работи на надградување на информацискиот систем, сепак, фактот дека со мерката се трошат јавни средства го оправдува сомнежот за нејзино укинување. Ставовите на финансиските институции се дека укинувањето на „Мој ДДВ“ воопшто не е на маса, дека таа ќе продолжи да важи и во 2026 година и дека исплатата за последниот квартал од минатата година е во тек.
– Управата за јавни приходи работи на надградување на информацискиот систем, поради што корисниците на апликацијата „Мој ДДВ“ повремено се соочуваат со технички тешкотии и повремено се отежнати користењето и поврзувањето со системот „Мој ДДВ“. Нашите технички екипи активно работат на надминување на проблемите што се појавуваат и очекуваме апликацијата да биде целосно функционална во најбрз можен рок. УЈП останува посветена на обезбедувањето непречено користење на апликацијата „Мој ДДВ“ – изјавија од УЈП за весникот ВЕЧЕР.
Од УЈП информираат дека средствата кон граѓаните што имаат валидни и точни податоци во системот и што немаат правено промени на сметката или банката, се исплаќаат во континуитет и без проблем. Апелираат до граѓаните што имаат неажурирани, односно невалидни податоци во системот, прво мора да внесат точни податоци во системот за да може да добијат поврат на средствата по основ на скенирани сметки во апликацијата „Мој ДДВ“.
За скенирани сметки во четвртиот квартал во 2024 година, кои се исплаќаа во февруари 2025 година, по основ на „Мој ДДВ“ биле исплатени вкупно 870.329.146 денари за 496.442 корисници. За првиот квартал во 2025 година скенирани сметки јануари – март, биле исплатени вкупно 784.442.146 денари за 491.770 корисници. За вториот квартал 2025 година, вкупно 882.137.038 денари за 503.655 корисници и за третиот квартал 2025 година, вкупно 921.977.665 денари за 515.182 корисници.
Дополнително, во текот на 2025 година бил реализиран поврат за минати години за лицата што ги ажурирале податоците за трансакциската сметка и за 2020 година биле исплатени 2.658.049 денари, за 2023 година 7.552.401 денари и за 2024 година 4.076.525 денари.
– Ова покажува дека има средства, бројот на корисници и исплатени средства постојано расте. Апелираме граѓаните да не веруваат во шпекулации, бидејќи средства во буџетот има и нема место за сомнежи или за каков било страв дека нема да ги добијат средствата за скенираните фискални сметки – изјавија од УЈП.
Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова, во телевизиско гостување појасни дека треба да се направи анализа дали мерката „Мој ДДВ“ ги дава резултатите за кои беше воведена. Таа вели дека не може да каже дека има одлука за укинување на мерката.
– Меѓутоа, кога се работи за таква мерка за која се трошат јавни средства, секако дека треба да се погледне и да се разговара за нејзината ефикасност и дали ги дава таа целите поради кои била воспоставена. Преку оваа мерка, на квартално ниво за 2025 година, се издвојуваат околу 14,5 милиони евра за, во просек, околу 502.000 корисници. И овој износ се зголемува секоја година во однос на претходните години. Се зголемува и бројот на корисници, но поради тоа што се зголемува и наплатата на приходот, во просек, можеме да кажеме дека за оваа мерка се издвојуваат околу 4 отсто од годишната наплата на ДДВ-приход или тоа е еквивалентно на приближно половина месечен ДДВ-приход – рече Петрова.
Мерката, која беше воведена во 2019 година, требаше да доведе до намалување на сивата економија преку фактот што го поставува секој граѓанин во улога на даночен инспектор.
– Ако сакаме да ја процениме мерката од тој аспект, состојбите што ги гледаме на терен и состојбите што можеме да ги забележиме и внатре, врз основа на сите податоци со кои располагаме, јасно водат до заклучокот дека мерката не го дала посакуваниот ефект – вели Петрова.
По изјавата на директорката на УЈП, Елена Петрова, дека мерката „Мој ДДВ“ не го дала посакуваниот ефект, се огласи и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, која рече дека не се размислува за нејзино укинување.
– Немав можност да го слушнам гостувањето на директорката, но потенцирам дека во Министерството за финансии не се размислува за менување на Законот. Не можам да кажам дека ќе има какви било промени. Напротив, сето останува како што беше досега – рече Димитриеска-Кочоска.
Преку мерката „Мој ДДВ“, државата врши поврат на дел од платениот данок директно кај граѓаните, што практично значи индиректно намалување на даночниот товар на поединците. Повратот на средства се реализира во рок од 60 дена по завршувањето на тромесечјето, што значи дека граѓаните треба да ги добијат парите за последното тромесечје од 2025 година до крајот на февруари.
Инаку, мерката во последно време имаше чести застои, кои се препишуваа на неажурирани податоци и на технички пречки, што создаде простор за шпекулации кај граѓаните дека нема пари во буџетот за исплата на парите од повратот на ДДВ и оти ќе се укине мерката.
(А. С.)












