Становите најскапи во Центар, а најмногу се продаваат во Аеродром

16

Во вториот квартал од годинава биле продадени помалку станови од првиот квартал од годинава. Податоците што ги објави Агенцијата за катастар на недвижности за периодот од 1 април до 30 мај покажуваат дека во овој период биле продадени 676 новоизградени стана од инвеститор, што е за 178 стана помалку во споредба со првиот квартал од годинава.

Во фаза на градба се 25.354 стана, кои се очекува да се најдат на пазарот на недвижности.

Најголем број продадени станови, според Регистарот на цени и закупнини на недвижности, имало во Општина Аеродром, каде што во вториот квартал биле продадени 164 стана, а најголем број продадени куќи имало во Битола, односно 60 куќи.

Најголемата постигната цена за стан за квадратен метар била во Општина Центар, каде што бил продаден стан од 96 квадратни метри по цена од 260 илјади евра или 166.563 денари (повеќе од 2.700 евра) за квадратен метар.

Во вториот квартал од годинава биле забележани и 150 продажби на гаражи, и тоа во поголем број општини, а најголем број деловни простории биле продадени во Општина Центар (28).

Во вториот квартал, во Регистарот на цени и закупнини биле регистрирани 754 продажби од инвеститор, од кои 676 биле станови, 71 куќа, пет гаражи и два деловни простора.

ИЗДВОЕНИ