Остри зборови од собраниската говорница упати премиерот Христијан Мицкоски кон опозицискиот СДСМ, обвинувајќи го неговиот лидер, Венко Филипче, дека сака партијата да биде „Левица од ‘Алиекспрес’“. Имено, реакцијата на премиерот следуваше по прашањето на Филипче зошто поскапела струјата, обвинувајќи ја власта дека неуспешно се справува со загадувањето, платите, цените, мигрантите.

– Мислите дека тоа е начинот на кој ќе бидете Левица од „Али експрес“ и мислите дека на тој начин, како СДСМ, ќе привлечете внимание? – рече Мицкоски.

Филипче рече дека убавите зборови што ги упатува Мицкоски се упатени кон група луѓе околу власта и не се однесуваат за сите граѓани.

– Зошто сега мора да има поскапување на струјата за граѓаните, која ќе повлече и друго поскапување? Зошто досега не направивте ништо да ги контролирате? Зошто, по една и пол или речиси две години Влада, не направивте ништо да ги зајакнете енергетскиот сектор и производството на струја, зошто не произведуваме со максималниот капацитет и наместо тоа увезуваме струја и сега се прогласи кризна состојба? – праша Филипче.

Мицкоски му одговори дека прво ќе одговори за струјата, а за другите тези кажани од Филипче рече дека ги „растура како пердуви“ од собраниската говорница.

– Зошто поскапување на струјата? На ова прашање, господине Филипче, можеби, најдобро ќе ви одговори новиот член на вашиот Извршен комитет, господинот Бислимоски, кој е брат на претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски. Регулаторната комисија по закон и по устав е независно тело, така што не знам зошто мене ми го поставувате ова прашање – рече Мицкоски.

Премиерот одговори и на пратеничко прашање поврзано со стандардот на граѓаните и за инфлацијата и рече дека сè што се зборува на тие теми е само клевета.

– За подобар животен стандард, треба во континуитет да се бориме и да работиме. Таа битка не смеете да ја загубите. Ако ја загубите, ќе ја загубите и довербата кај граѓаните. Политиките се во насока на подобрување на животниот стандард. Имаме инфлација од 4 %, а во мандатот на СДСМ имавме рекордни стапки на инфлација од 17, 18 и 19 проценти на годишно ниво. Од 2020 до 2023 беа нанесени најжестоките удари врз граѓаните и врз државата, со задолжување, безмилосно трошење, грабеж, лоши политики – рече премиерот.

Осврнувајќи се на последниот извештај на „Евростат“, Мицкоски рече дека потрошувачката кошница во Македонија, споредена со просек дефиниран како 100 проценти, е најевтина во Европа.

– Сите во регионот буквално се со поскапа потрошувачка кошница од нашата. Граѓаните имаат две опции: да му веруваат на „Евростат“ или на кошницата што ја креираат Бранимир Јовановиќ, Драган Тевдовски и Никола Попоски. Граѓаните се тие што треба да одлучат. Дека цените се високи – да, а точно е тоа и дека секој ден треба да се бориме за подобар стандард, и се бориме – рече Мицкоски.

Тој порача од собраниската говорница дека куповната моќ со сегашната минималната плата во Македонија е повисока од сите земји во соседството, освен од Грција. Според него, треба да се зголеми минималната плата, но тоа треба да биде резултат од разговорите и дијалогот меѓу работниците и работодавците. Мицкоски оцени и дека грубо се манипулира со бројките за зголемена минимална плата во соседството, зашто таму се зборува за бруто, а кај нас за нето, што е голема разлика.

– Грција има нешто повисока куповна моќ со минималната плата, а ние имаме повисока од Бугарија, Албанија, БиХ, Црна Гора, Србија, Косово. Од 27. земји каде што е регулирана минималната плата, ние сме за 10 или 11 од нив со повисока куповна моќ. И да, не е доволно тоа, треба повеќе, не велам не, но тоа е резултат на разговорите и дијалогот меѓу работниците и работодавците. Владата е тука да го фасилитира тој процес. Ние, како Влада, можеме да му дадеме 250 милиони субвенционирани кредити на стопанството за да биде стабилно во услови на криза и за да креира работни места, и го направивме тоа. Можеме со работа да генерираме економски раст во третиот квартал 3,8 % реален и 10,2 номинален во однос на нашиот БДП. Владата може да побара од Собранието минимална плата од 700 евра и да профитира, но дали може бизнисот и економијата да го издржат тоа? Тоа е прашање што треба да го одговорат работниците и работодавците. Затоа ние велиме, во дијалог да си го одговорите тоа прашање, ние само можеме да помогнеме во тој процес – рече Мицкоски.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ