Цената на становите и натаму расте. Во вториот квартал од годинава порастот е цели 22,3%. Така, овој месец просечната цена на становите во главниот град достигна 1.828 евра за квадратен метар. За споредба, лани во август просечната цена на становите изнесуваше 1.500 евра за квадратен метар, што значи дека за само 11 месеци имаме скок од цели 330 евра за квадратен метар. За директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за државата (АДИССДП), Марјан Стефановски, цените на становите излегуваат од рамките на реалното и објективното.

Со секој нов објект, градовите стануваат сè позатрупани, а проблемите со инфраструктурата сè поочигледни. Во некои населби, во урбанизираните предели веќе се појавуваат сериозни проблеми со канализацијата, водоснабдувањето, паркирањето и со сообраќајниот метеж. Едноставно, постоечката инфраструктура не може да ги издржи новите згради. Неконтролираното градење скопјани веќе го чуствуваат – по здравјето особено во зимскиот период, како и во намалената благостојба  бидејќи се помалку има зелени површини и има стресно живеење во густо населените простори. Доколку не се преземат мерки, постои ризик градовите да станат бетонски џунгли во кои луѓето ќе се чувствуваат затворено, наместо удобно.

Цените на становите продолжија да растат и во вториот квартал годинава, како што објави Народната банка за 22,3 проценти, што е за 6,3 проценти повеќе во однос на првиот квартал. Во првото полугодие од годинава цената на станбениот квадрат порасна за 22,6 проценти што е највисок пораст во однос на последниве 4 години (од 2021 година досега).

Според платформата „Цена Квадрат“, во Скопје и натаму станбениот квадрат е најскап. Така, овој месец просечната цена на становите во главниот град достигна 1.828 евра за м2 и е за 6 евра поскапо од пикот во јуни кога станбениот квадрат чинеше 1.822 евра. За споредба, лани во август просечната цена на становите изнесуваше 1.500 евра за м2, што значи дека за само 11 месеци имаме скок од цели 330 евра за м2.

И натаму најскапи се становите во општина Центар – во просек чинат 2.130 евра за м2, а нешто поевтини се во општина Карпош – 2.100 евра за м2 (има исклучоци кога станбен квадрат се продал за 3.000 евра за м2). Во Аеродром, општина која долги години беше елдорадо за градење, сега цените се стабилизираат на околу 1.800 евра за м2.

Дека продолжува станбеното цунами, потврдуваат и последно објавените статистички податоци на Државниот завод за статистика. Во мај годинава се издадени 469 одобренија за градење, што е за 80,4 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година (од нив 255 (54,4 %) се наменети за објекти од високоградба).

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 7,87 милијарди денари, што е за 34,1 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Во извештајниот период е предвидена изградба на 1.037 станови со вкупна корисна површина од 90813 м2.

За директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за државата (АДИССДП), Марјан Стефановски, цените на становите излегуваат од рамките на реалното и објективното.

– Ценовните турбуленции на пазарот на недвижности се резултат на динамиката меѓу понудата и побарувачката, а таа во последниве години е особено нарушена. Се соочуваме со состојба во која квадратот станува сè помалку достапен, а сè повеќе предмет на шпекулација. Поголемиот дел од тековната понуда на станови на пазарот доаѓа од приватни градежни компании кои ги определуваат цените според сопствени деловни модели. Иако тоа е дел од природното функционирање на слободниот пазар, неопходно е да постои рамнотежа која ќе го заштити интересот на граѓаните бидејќи цените често се движат во насока што не секогаш одговара на реалната куповна моќ на населението – вели Стефановски за МИА.

Владата минатата година најави дека преку изградба на државни станови за комерцијална продажба ќе ја стабилизира цената. Стефановски посочува дека станбеното претпријатие во моментов гради два станбени објекта, а во подготовка се уште неколку комерцијални станбени згради.

– Во Битола е започната градба на станбен објект кој ќе има 65 станбени единици. Најголемиот број од становите беа продадени веднаш,со просечно постигната цена од 1.070 евра за м2 и е 30% пониска од пазарната. Во фаза на градба е и комерцијалната зграда во градската четврт Даре Џамбаз – Скопје, кај „стара воена пекара“, со 112 станбени единици кои беа продадени по само два јавни повика. Во Битола е предвидена градба на уште еден станбен објект со вкупно 60 станови, а за оваа зграда е веќе изготвена проектна документација и во тек е постапка за обезбедување одобрение за градење. Дополнително, АДИССДП ќе гради две комерцијални згради во Охрид со вкупно 130 станбени единици. Тендерската постапка за едниот објект е веќе во тек, а за вториот се очекува наскоро да почне. Исто така, се планираат активности за изработка на проектни документации за изградба на објекти на три нови локации, и тоа во Скопје, во Битола и во Штип со вкупно планирани 269 станови – додава Стефановски.

Со секој нов објект, градовите стануваат сè позатрупани, а проблемите со инфраструктурата сè поочигледни. Во некои населби, во урбанизираните предели веќе се појавуваат сериозни проблеми со канализацијата, водоснабдувањето, паркирањето и со сообраќајниот метеж. Едноставно, постојната инфраструктура не може да ги издржи новите згради. Деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски, за весникот ВЕЧЕР истакна дека не се почитуваат насоките дадени во просторните планови и се гради неконтролирано, а наспроти тоа долг период нема стратегија  за одржување и надградба на постојните инфраструктурни системи. Според него, пренатрупаноста со објекти носи зголемен број жители и пораст на потребите на градот, а во овој период е актуелна потребата за вода.

Неконтролираното градење скопјани веќе го чувствуваат по здравјето – особено во зимскиот период, како и во намалената благосостојба бидејќи има сè помалку зелени површини и живеењето во густо населените простори е стресно. Доколку не се преземат мерки, постои ризик градовите да станат бетонски џунгли во кои луѓето ќе се чувствуваат затворено, наместо удобно.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ